Се претпоставува дека Хамас во заложништво држи 239 лица од 26 различни држави
Претседателот на САД, Џо Бајден, денеска нагласи дека верува оти набрзо ќе биде постигнат договор за ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Појасот Газа.
Хамас држи од 200 до 250 израелски заложници во Појасот Газа, кои беа заробени на 7 октомври кога исламистичката група го нападна Израел.
Се претпоставува дека Хамас во заложништво држи 239 лица од 26 различни држави.
Хамас тврди дека околу 30 заложници биле убиени при израелското бомбардирање врз Појасот Газа.
Бајден, на годишниот настан во Белата куќа за помилување на мисирка по повод Денот на благодарноста, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека очекува договорот да резултира со ослободување на некои заложници.
„Вашингтон пост“ на 18 ноември објави дека Израел, САД и Хамас се согласиле на пробен договор, со кој ќе се ослободат десетици заложници во замена за привремено примирје.
Бројот на загинати во војната во Газа надмина 13 300
Палестинското Министерство за здравство денеска соопшти дека бројот на загинатите Палестинци се искачи на 13 300, додека бројот на ранетите достигна околу 32 850, од почетокот на израелскиот напад врз Појасот Газа на 7 октомври.
„Од неделата вечерта, бројот на загинатите беше повеќе од 13 300, вклучувајќи околу 5 600 деца, 3 550 жени, додека бројот на повредени достигна повеќе од 30 илјади“,
се вели во соопштението.
Се додава дека повеќе од 4 500 Палестинци сè уште се водат како исчезнати, вклучително и 3 500 деца за кои се верува дека се заробени или затрупани под урнатините.
Бројот на раселените лица во Појасот Газа од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел достигна околу 1,7 милиони, соопшти денеска Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА).