„Сите други тврдења за 100 или за 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на повредените“, се вели во владиното соопштение
Со цел да не се шират шпекулации и дезинформации во врска со бројот на загинатите од пожарот во Кочани, од Владата денеска соопштија дека нивниот број останува 59 лица.

Оттаму апелираат во јавноста да не се пласираат дезинформации за бројот на загинатите.
„Ова се моменти на тага и солидарност, кога сите мора да покажеме одговорност и почит кон жртвите. Со целосна одговорност потврдуваме дека бројот на жртви е 59. Сите други тврдења за 100 или за 120 загинати се неточни и неосновани. Ваквите лажни информации само ја зголемуваат вознемиреноста во јавноста и нанесуваат дополнителна болка на семејствата на повредените“,
се вели во соопштението од Владата
Официјални медицински и истражни служби што работат на терен, според Владата, ги утврдуваат бројките за загинати и на повредени.
„Јавноста редовно ќе биде информирана за сите нови детали поврзани со истрагата“,
пишуваат од Владата.
Апелираат медиумите и граѓаните да не наседнуваат на непроверени информации и да не шират шпекулации.
Во пожарот во дискотеката во Кочани загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
На бројот 143 400 граѓаните можат да донираат за настраданите од пожарот во Кочани.