Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз, вели дека основната цел на САД е да ја видат земјава целосно интегрирана во Европската Унија и за овој процес тие даваат целосна поддршка.
Амбасадорката го кажа ова зборувајќи на панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на мирот и соработката во кревка глобална средина“, на Самитот за Западен Балкан на „Економист“, кој се одржува во хибриден формат денеска во Скопје.
„Кога зборуваме за нашата врска со Северна Македонија и останатите земји од Западен Балкан важно е да се истакне дека таа мора да биде базирана на солидарност и заедничка работа за предизвиците со кои се соочуваме сега, да ги направиме можностите за Западен Балкан, и партнерствата со ЕУ и САД“,
нагласи Брнз.
Зборувајќи за партнерството во одбраната и како тоа може да се продолжи и во други делови од меѓусебната соработка, Брнз рече дека постојат многу важни работи што може да се направат.
„Неодамна со помош на САД бевме сведоци на договорот меѓу Естонија и Северна Македонија за помош во развојот на правна рамка и патоказ за дигитализација. Естонија има големо искуство во е-влада и дигитализација на услугите“,
изјави Брнз.
Овие партнерства, посочи американската амбасадорка, ќе ѝ помогнат на Северна Македонија, не само во исполнување на нејзините цели за членство во ЕУ туку и за подобри услуги за самите граѓани.