Српската премиерка Ана Брнабиќ информира дека во Србија досега се излечени 534 лица заболени од коронавирусот и ги повика сите излечени лица да донираат крв и да му помогнат на секој што се бори со ковид-19.
„Огромно задоволство за нас e што ќе започнеме голема кампања за борба против ковид-19 со лекување со крвна плазма од излекуваните луѓе. Апелирам сите излекувани од ковид-19 да се јават кај институциите“,
изјави Брнабиќ.
Брнабиќ изјави дека Србија симболично влегува во следната фаза во борбата со коронавирусот кога треба да се прават подготовки за она што следува после епидемијата и како што вели, да се засили отпорноста на вирусот кај населението, се додека не биде достапна вакцина.
„Ми се чини дека ја гледаме светлината на крајот на тунелот. Ако ја задржиме дисциплината, ако сите се трпиме, Србија наскоро ќе може да објави победа“,
изјави Брнабиќ.
Инаку, во Македонија засега според министерот за здравство Венко Филипче, подготвен е протоколот за користење на крвна плазма за лекување на пациенти со ковид-19, но се работи на техничката подготовка.
Сепак, како што претходно посочи Филипче на своите прес-конференции, ваков тип на терапија не може секому да помогне, особено имајќи ја предвид непредвидливоста на болеста во потешките случаи.