Британскиот премиер Борис Џонсон, денеска одлучи да се одложи планот за олабавување на епидемиолошките мерки за еден месец, предупредувајќи дека ако не се стори ништо, бројот на хоспитализирани лица може да достигне бројки слични како во првиот бран на ковид-19.
Оваа одлука е донесена поради зголемениот број на случаи од индиската варијанта на коронавирусот.
Според планот што го објави Џонсон во февруари, повеќето епидемиолошки ограничувања требаше да бидат укинати на 21 јуни, а со тоа пабовите, рестораните, ноќните клубови и другите угостителски објекти да почнат со работа. Но, според денешната одлука тоа ќе се случи најрано на 19 јули.
„Сметам дека е разумно да почекаме уште малку, бидејќи каква што е сега фактичката состојба убеден сум дека нема да ни требаат повеќе од четири недели“,
рече Џонсон на денешната прес-конференција.
Според него, дополнителното време ќе се искористи за забрзување на британската програма за вакцинација, која е меѓу најуспешните во светот.
Британија денеска регистрираше 7 742 нови случаи и три смртни случаи.