Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, осомничените комуницирале преку апликациите Скајп (Skype) и Вацап (Whatsapp), нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа. За ова, според првичните сознанија на истрагата, тие добивале одреден процент во криптовалути кои потоа ги претворале во долари и евра, со кои купувале движен и недвижен имот
Брачен пар од Штип е осомничен дека речиси пет години во својот семеен дом во градот незаконски организирале игри на среќа преку интернет, соопшти денеска републичкото Јавно обвинителство.

Крај на нелегалниот бизнис на двајцата сопружници му бил ставен вчера, откако под раководство на обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера доцна вечерта Единицата за финансиски истраги при Министерството за внатрешни работи (МВР) спровела акција во која биле приведени лица и обезбедени бројни материјални докази.
При претресите полицијата одзела златен накит, четири возила, пет мотоцикли и еден четирицикл, и поднела кривична пријава по која јавниот обвинител донел наредба за отворање истражна постапка против две лица, додека за две лица се води скратена постапка.
„Според описот содржан во диспозитивот на наредбата прво и второосомниченото лице како соизвршители во четиригодишен временски период од 01.01.2020 година до вчера, заеднички и по претходен договор, спротивно на одредбите од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во нивната семејна куќа во Штип, недозволено преку глобална интернет мрежа, организирале и приредувале интернет игри на среќа, со што сториле кривично дело приредување на игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган од член 156 став 3 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри во врска со член 22 од Кривичниот законик (КЗ)“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Двајцата сопружници, се додава, откако обезбедиле пари и компјутерска опрема, ангажирале лица, кои жената, првоосомниченате во случајот, ги обучила за користење платформа за опслужување на заинтересираните клиенти.
Нејзиниот сопруг, како второосомничен, пак, им давал совети и обезбедувал електронска опрема, мобилни телефони и СИМ-картички за вработените.
Со клиентите, кои морало да бидат турски државјани, осомничените комуницирале преку апликациите Скајп (Skype) и Вацап (Whatsapp), нудејќи им поволности за обложување и игри на среќа. За ова, според првичните сознанија на истрагата, тие добивале одреден процент во криптовалути на „Електронски паричник“, сопственост на првоосомничената.
За да го прикријат изворот на парите, нелегалните приходи од криптовалути ги претворале во странска валута, односно долари или евра и ги пренесувале на „Електронски паричник“, сопственост на менувачница за размена на криптовалути, од каде ги подигале во готовина.

Дека имаат сомнителни приходи, осомничените, како што произлегува од соопштението на Обвинителството, ги издал нивниот луксузен животен стил, иако двајцата биле невработени и примале социјална помош.
„Помал дел (од парите) ги пуштале во промет трансферирајќи ги кон странски државјани со кои немале воспоставено должничко доверителски односи, а поголемиот дел ги внесувале во легални финансиски текови, ги уплаќале на своите денарски сметки и купувале движен и недвижен имот и водејќи луксузен живот иако биле невработени и приматели на социјална помош“,
велат од Обвинителството.
Во прикривањето на изворот на парите учествувале и нивната ќерка и уште едно лице. Тие, според Обвинителството примиле парични средства за кои биле должни и можеле да знаат дека потекнуваат од казниво дело, но ги пуштиле во оптек, купувајќи две возила. Поради ова четворицата осомничени се товарат и за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, санкционирано во член 273 од Кривичниот законик.
Јавниот обвинител, како што е најавено, денеска до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за одредување мерка притвор за двајцата првоосомничени и мерки на претпазливост за останатите.