Во одговор на прашање порача дека е за преоценување на тарифните блокови во смектите за потрошена електрична енергија на корисниците на регулираниот пазар доколку тоа е во интерес на граѓаните и значи намалување на крајната сметка што ја плаќаат

Министерката за енергетика Сања Божиновска најавува дека, ако е потребно, повторно ќе се разговара со ОКТА за продолжување на попустот за дизел-горивото од четири денари за литар и за бензините од два денари и по 18 мај кога истекува сегашниот договор. Тоа, како што вели, ќе зависи од случувањата со цените на нафтените деривати на берзите и од војната на Блискиот Исток.
„Следиме сè што се случува. Нашите мерки моментно се до 18 мај, што значи дека следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените на берзата и со војната. Неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и, ако е потребно, повторно ќе преговараме со ОКТА за продолжување на попустот“,
рече Божиновска во одговор на прашање на денешната средба со новинарите во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Таа нагласи дека земјата е трета според мерките што ги презема за цените на нафтените деривати и потенцира дека имаме најниски цени во регионот.
Како што посочи, ниту една компанија, која правела реекспорт на нафтени деривати од земјава, се нема обратено во Министерството за енергетика и додаде дека Државниот пазарен испекторат и Царинската управа веќе проверуваат дали имало вакви активности.
Во одговор на прашање порача дека е за преоценување на тарифните блокови во смектите за потрошена електрична енергија на корисниците на регулираниот пазар доколку тоа е во интерес на граѓаните и значи намалување на крајната сметка што ја плаќаат.
„Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вчера тоа го најави, а јас го поздравувам ако е за доброто на граѓаните и ако се намалат нивните сметки. Би сакале и ние да ги видиме пресметките, меѓутоа тоа е нивна дејност, а ние само би можеле да кажеме дека сме ’за’ во случај крајната цел да е намалување на сметките на граѓаните“,
додаде Божиновска.
