Со канцеларката на Германија, Ангела Меркел, ги поддржуваме земјите од Западен Балкан на пат кон ЕУ. Бугарија ќе продолжи да работи активно во оваа насока за време на нашето заедничко претседателство со Република Северна Македонија на Берлинскиот процес, напиша на својот фејсбук-профил бугарскиот премиер Бојко Борисов кој се наоѓа во Брисел, на Самитот на ЕУ.
Оваа изјава на Борисов е на иста линија со ставот што му го пренесе на министерот за надворешни работи Бујар Османи минатата недела на средбата во Софија, кога порача дека должност е за сегашните и за идните генерации да се осигура дека во никој случај Република Северна Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан нема да бидат запрени на патот кон Европската Унија.
Посетата на Османи тој самиот ја опиша како претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која треба да се случи пред 10 ноември.
Премиерот Зоран Заев денеска изрази оптимизам дека несогласувањата со Бугарија ќе бидат решени и дека до крајот на годината ќе се одржи меѓувладината конференција со ЕУ.
„Откако сум премиер, досега никогаш не сме размислувале за план Б. Опцијата е планот А. Низ трпение, меѓусебно почитување и разбирање да се изнајдат решенија и верувам дека тие решенија се можни и за сегашниот предизвик“,
изјави Заев.