Убеден сум дека најдоброто нешто за Бугарија е коалиција меѓу двете најголеми политички сили, ГЕРБ-СДС од една, и Промените продолжуваат-Демократска Бугарија, од друга страна, рече Борисов по консултациите со Радев
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, нема да се кандидира за премиер, информираше тој по консултациите со бугарскиот претседател Румен Радев. Тој посочи дека половина од пратеничката група на ГЕРБ-СДС се министри и дека многу брзо може да се направи предлог за владин кабинет.
ГЕРБ-СДС имаат опција и за експертски и за партиски владин кабинет, рече Борисов.
„Убеден сум дека најдоброто нешто за Бугарија е коалиција меѓу двете најголеми политички сили, ГЕРБ-СДС од една, и Промените продолжуваат-Демократска Бугарија, од друга страна“,
додаде лидерот на ГЕРБ.
Тој оцени дека „секој кој ја сака државата мора да направи компромис“.
„Омразата што ја видов во парламентот меѓу другите партии ме потсетува на она што беше против нас пред две години“,
рече Борисов, потенцирајќи дека оваа омраза никаде нема да ја однесе Бугарија и затоа повика на трпение и внимание.
Шефот на државата Румен Радев, претходно денеска одржа консултации со ГЕРБ-СДС и притоа тој посочи дека најголемата одговорност за формирање влада сноси најголемата политичка сила во Собранието.
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, по парламентарните избори кои се одржаа во Бугарија на 2 април, изјави дека сака да формира коалиција и да состави влада со неговиот најголем политички ривал Кирил Петков од Промените продолжуваат.
Коалицијата ГЕРБ-СДС на изборите победи со тесна разлика пред партијата на Петков – Продолжуваме со промените (ПП) која настапи заедно со Демократска Бугарија (ДБ).
Од коалицијата на Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија (ПП-ДБ), пак, децидно изјавија нема да поддржат влада со мандат или учество на ГЕРБ.
„Нашата одлука да не ја поддржиме ГЕРБ во првиот мандат се заснова на вредности. Тоа што го видовме во минатиот парламент и на овие избори се заснова на овие вредносни разлики“,
изјави Кирил Петков од Продолжуваме со промените.