„Средбата ќе има за цел да создаде нов поредок без Русија. Ова не значи дека сакаме да ја исклучиме Русија засекогаш, но за оваа Русија, Русија на Путин, нема место“, изјави Борел во контекст на самитот на Европската политичка заедница
Лидерите на 44 европски земји денеска во Прага ќе испратат јасен сигнал за изолација на Русија и ќе се обидат да создадат нов поредок без неа, изјави шефот на надворешната политика на Европската Унија, Жозеп Борел.
„Средбата ќе има за цел да создаде нов поредок без Русија. Ова не значи дека сакаме да ја исклучиме Русија засекогаш, но за оваа Русија, Русија на Путин, нема место“,
изјави Борел за новинарите во Прага.
Сигналот што сакаме да го испратиме, додаде Борел, е дека не можеме да изградиме безбедносен поредок со Русија.
Петр Фијала, премиерот на Чешката Република која претседава со ЕУ го најави првиот самит на 44 шефа на држави во Европа, сите освен Русија и Белорусија, како можност за понеформални дискусии за прашањата на безбедноста и мирот, економската и енергетската криза, како и целите за заштита на животната средина.
„Чешкото претседателство со ЕУ е соочено со огромни предизвици и кризи низ кои поминува Европа и кои ќе бидат тема на првите разговори на европската политичка заедница, без разлика дали се работи за мирот и безбедноста, енергијата, животната средина или економијата. Целта не е да се дојде до никакви писмени заклучоци, туку да се разговара и да се создаде договор во однос на понатамошното дејствување на европските земји во тие области“,
рече домаќинот на самитот Фијала.
Европската политичка заедница, која е идеја на францускиот претседател Емануел Макрон, треба да обезбеди платформа за политички дијалог и соработка со земјите кои сакаат да влезат во ЕУ и земјите кои немаат такви аспирации, но ги споделуваат демократските вредности на ЕУ.
Македонската делегација на состанокот на Европската политичка заедница во Прага ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.