Како главни манипулативни актери во извештајот за борба против дезинформациите се споменуваат Русија и Кина. Се посочува дека овие две земји намерно манипулираат со јавниот наратив на повеќе канали и платформи. Русија, како што се оценува, со години е ангажирана во кампања за дезинформации на софистициран начин
Постојат бомби што можат да убијат, отрови што можат да ве отрујат. Но, како да се справите со манипулациите е исто така голем предизвик. Ова, во пресрет на изборите кои годинава треба да се одржат во ЕУ, но и во низа други земји ширум светот, го изјави високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, предложувајќи мерки за борба против дезинформациите.

Токму затоа, оваа 2024 година, според Борел, ќе биде „пресудна година“ во борбата против дезинформациите.
Како главни манипулативни актери во извештајот се споменуваат Русија и Кина. Се посочува дека овие две земји намерно манипулираат со јавниот наратив на повеќе канали и платформи. Русија, како што се оценува, со години е ангажирана во кампања за дезинформации на софистициран начин и во индустриски размери.
„Чувствителни сме на оваа закана бидејќи дезинформациите се шират со брзина на светлината“,
вели високиот претставник на ЕУ.
Според овој извештај, мотивите на овие два фактори се движат од дестабилизација и поделба на општествата, до поткопување на демократските институции или само заради економска корист.
Извештајот е подготвен врз основа на 750 случаи на дезинформации ширум светот помеѓу декември 2022 и ноември 2023 година со препораки за подобра борба против нив.
Според наодите на извештајот, околу 59 лица биле цел на дезинформации, почнувајќи од политичарите, како што се украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и самиот Борел, па сè до познати актери и писатели.
Социјалните мрежи како Телеграм и Икс (поранешен Твитер) биле најчесто користени за странско мешање.
Во извештајот се споменува дека целите на странско мешање се „глобални“. Во 49 отсто од анализираните случаи, земјите или нивните официјални претставници ширум светот биле директно таргетирани 480 пати. Најчеста цел била Украина со 160 регистрирани случаи, САД со 58 случаи, па Полска, Германија, Франција и Србија.