Во писмото Борел изразува „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и вели дека Израел досега не одговорил доволно за ова прашање
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел наведувајќи го како причина „можното кршење на човековите права“ за време на конфликтот во Појасот Газа. Информацијата ја пренесува Ројтерс повикувајќи се на четворица дипломати и писмото во кое имале увид, а кое Борел го испратил до министрите за надворешни работи на ЕУ.
Во писмото Борел изразува „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и вели дека Израел досега не одговорил доволно за ова прашање.
Политичкиот дијалог со Израел, кој стапи во сила во јуни 2000 година, е вграден во поширок договор за односите меѓу ЕУ и Израел и вклучува широки трговски врски.
„Во светло на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човекови права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“,
напиша Борел во писмото.
За суспензија ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што според дипломатите е малку веројатно бидејќи повеќето земји се спротивставиле, се додава во написот на Ројтерс.
Канцеларијата за човекови права на ОН минатата недела соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи што ги потврдила во војната биле жени и деца и го осуди, како што рече, систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.
Израел соопшти дека категорично го отфрла извештајот. Израелската војска вели дека нејзината акција била во согласност со принципите на дистинкција и пропорционалност, и ѝ претходи внимателна проценка на потенцијалот за цивилна штета.
ЕУ се обидува да најде цврста обединета позиција за војната во Газа, која беше поттикната од нападите на палестинските милитанти на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Унијата го повика Хамас да ги ослободи сите израелски заложници и двете страни да го почитуваат меѓународното право.