Шефот на европската дипломатија рече дека делегацијата на ЕУ само во Кабул има околу 400 авганистански службеници и нивните семејства и призна дека ЕУ ветила дека ќе ги евакуира, но досега во Шпанија пристигнале само 150 луѓе
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Joсеп Борел, вечерва оцени дека е невозможно да се евакуираат сите Авганистанци кои соработувале со западните земји пред 31 август.
Во изјава за француските медиуми, Борел изрази жалење за безбедносните мерки што САД ги воведоа на аеродромот во Кабул, бидејќи тоа, според него, ја попречува евакуацијата.
Американската администрација го определи 31 август како датум за конечно повлекување на своите сили од Авганистан и планира да евакуира повеќе од 30 000 Американци и авганистански цивили.
„Математички е невозможно … Колку што знам, Американците не објавија дека ќе останат по тој датум (31 август). Но, тие можат да се премислат“,
рече Борел.
Според него, проблемот е пристапот до аеродромот.
„Контролата и безбедносните мерки на САД се многу силни. Се пожаливме. Ги замоливме да покажат поголема флексибилност. Не можеме да ги евакуираме нашите соработници“,
рече шефот на европската дипломатија.
Борел рече дека делегацијата на ЕУ само во Кабул има околу 400 авганистански службеници и нивните семејства. Тој призна дека ЕУ ветила дека ќе ги евакуира, но досега во Шпанија пристигнале само 150 луѓе.
„Тие се активни соработници. Но, бројот на Авганистанци кои работеа со нас во текот на овие 20 години е многу поголем“,
рече тој.
Според него, Кабул има два аеродроми – цивилниот аеродром е во рацете на талибанците и нема летови, додека Американците го контролираат воениот аеродром.
„Авионите преземаат луѓе кои се на самото место. Во авионот што пристигна денеска во Мадрид, една третина се Американци“,
рече Борел.
Високиот претставник на ЕУ рече дека ако Американците си заминат, Европејците немаат воен капацитет да обезбедат воен аеродром и талибанците ќе ја преземат контролата.
Борел вели дека е неопходно да се разговара со талибанците и додаде дека ЕУ има контакти со нив, но не и со нивните лидери.
„Разговорот (со нив) не значи признавање на нив“,
рече Борел.