На прашањето дали е закажана средба меѓу косовската претседателка Вјоса Османи и нејзиниот српски колега Александар Вучиќ за време на Самитот на Европската политичка заедница, каде што се присутни сите тројца, Борел рече дека „се одржуваат состаноци за смирување на тензиите“
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, изјави дека ќе разговара со косовската претседателка Вјоса Османи и со српскиот претседател Александар Вучиќ за време на Самитот на Европската политичка заедница што се одржува во Гранада, Шпанија.

На прашањето дали е закажана средба меѓу Османи и Вучиќ за време на Самитот на Европската политичка заедница, каде што се присутни сите тројца, Борел рече дека „се одржуваат состаноци за смирување на тензиите“.
„Претседателката Османи е тука, тука е и претседателот Вучиќ. Разговаравме за ова (на самитот на Европската политичка заедница на 1 јуни) во Кишињев и истото ќе го направиме денеска. Но, ситуацијата денес е многу полоша отколку во времето на самиотот на Кишињев“,
рече Борел
Токму од Самитот во Гренада, претходно денеска косовската претседалка Вјоса Османи изјави дека нема причина да се сретне со нејзиниот српски колега Вучиќ пред да му бидат воведени санкции поради последните немири на северот на Косово. Дел од лидерите на ЕУ и другите европски земји кои учествуваат на самитот во Гранада изразија очекување дека Османи и Вучиќ би можеле да се сретнат на маргините на Самитот.
„Прво нека се воведат санкции, а потоа можеме да зборуваме за нешто повеќе“,
рече косовската претседателка Вјоса Османи.
Тензиите помеѓу Србија и Косово ескалираа со нападот на косовската полиција на 24 септември. Во нападот загина еден косовски полицаец, а подоцна беа убиени и тројца Срби кои беа дел од вооружената напаѓачка група.
Косово и Србија разменија меѓусебни обвинувања за нападот, а откако косовските власти обвинија оти директно учествувал во нападот, поранешниот потпретседател на партијата Српска листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во косовското село Бањска.
Радоичиќ потоа беше приведен и сослушан во институциите во Србија. Ден подоцна Вишиот суд донесе одлука за негово ослободување со мерка за забрана за напуштање на територијата на Србија.