И покрај енергетската криза, ние не попуштивме пред уцените на Владимир Путин и земјите членки на ЕУ останаа обединети, одлучно поддржувајќи ја Украина, вклучително и со испорака на оружје, пишува Борел во авторски текст на блогот на дипломатската служба на ЕУ
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, во авторски текст на блогот на дипломатската служба на ЕУ, вели дека во годината на војната во Украина, енергетската и климатската криза, и покрај зависноста од увозот на руски фосилни горива, Унијата не попушти пред уцените на Путин.
„Во 2022 година доминираше агресивната војна на Владимир Путин против Украина. Оваа војна веќе предизвика десетици илјади смртни случаи во Украина и повеќе воени злосторства извршени од руските сили. Откако не успеа да ја освои Украина, Владимир Путин реши да ја уништи, а особено нејзината енергетска инфраструктура, за да ги принуди нејзините жители да живеат во студ и темнина оваа зима“,
пишува Борел.
И покрај оваа енергетска криза, пишува Борел, ние не попуштивме пред уцените на Владимир Путин и земјите членки на ЕУ останаа обединети, одлучно поддржувајќи ја Украина, вклучително и со испорака на оружје.
„Успеавме да ја пополниме празнината и да ги финализираме важните реформи за да ја забрзаме нашата енергетска транзиција и тоа ќе има значително геополитичко влијание“,
вели Борел.
Според него, освен во самата Украина, војната предизвика сериозна енергетска криза во Европа и поради начинот на кој Русија ја користи енергијата.
Во 2023 година, пишува Борел, руската агресивна војна против Украина, енергетската и климатската криза и нивните економски и социјални последици ќе останат клучни прашања за ЕУ и светот.