Обраќањето на Сиљановска-Давкова во „Свети Прохор Пчински“, како што информираат од владината прес-служба, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во „Свети Прохор Пчински“, премиерот Христијан Мицкоски во Крушево и претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Скопје ќе ги предводат делегациите по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, кој годинава ќе се одржи под слоганот „Борбата трае“.
Централната манифестација, каде што е предвидено да се обрати премиерот Христијан Мицкоски ќе биде на Мечкин Камен во Крушево.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи делегацијата која ќе оди во манастирот „Свети Прохор Пчински“.
Обраќањето на Сиљановска-Давкова, како што информираат од владината прес-служба, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувувањето на националниот идентитет и традициите.
Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
Потоа Гаши ќе има обраќање на манифестацијата што по овој повод ќе се одржи пред зградата на Собранието.
„Овој чин ќе биде симбол на почит и сеќавање на нашите предци кои ги поставија темелите на нашата држава“,
додаваат од владината прес-служба.
Од Владата велат дека со слоганот „Борбата трае“ сакаат да ја пренесат пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци.
За посетата на Сиљановска-Давкова на „Свети Прохор Пчински“, пред неколку дена информираа од нејзиниот кабинет, од каде што рекоа дека претседателката имала телефонски разговор со својот српски колега Александар Вучиќ, кога и ја договориле заедничката посета на манастирот.
Заедничката посета по повод чествувањето на Илинден, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, е во духот на добрососедските односи и продлабочување на пријателските врски на двата народи.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во објава на социјалните мрежи го оцени разговорот со Сиљановска-Давкова за срдечен и ја потврди договорената посета на манастирот „Свети Прохор Пчински“ за Илинден.
Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.