Александра Денковска Гоцевска е новинарка која во моментов истражува дали меѓу функционерите има такви што се збогатиле многу повеќе отколку што пријавуваат дека заработиле. Но, уште на почеток наишла на пречка. Антикорупциската комисија, која е надлежна за анкетните листови, јавно го објавува само актуелниот имот на функционерите.
„Ги немаме сите податоци. Значи, ние за да видиме дали се збогатил, дали не се збогатил мора да знаеме со каков имот дошол на функција… Ти имаш каква состојба е сега, немаш претходна.“ вели Александра Денковска Гоцевска- новинарка во НОВА ТВ.
Без податоци кои би требало да се јавно достапни, тимот на НОВА ТВ бил принуден да ја следи процедурата во Законот за пристап до информации од јавен карактер. За нив тоа значеле два месеца чекање, за на крај повторно да не ги добијат сите анкетни листови. Антикорупционерите не им ги дале податоците за екс министерот за одбрана Зоран Јолевски.
„Причината за одбивањето беше дека конкретното лице повеќе не било функционер и дека со тоа што они на нас ќе ни дадат анкетен лист за неговата имотна состојба во времето кога бил функционер, ќе се наруши неговата приватност. Се жалевме до Комисијата за жалби по слободен пристап до информации од јавен карактер. Тие го потврдија решението на Антикорупциската комисија.“- објаснува Денковска Гоцевска.
Како е можно анкетен лист на поранешен функционер кој бил јавен додека бил функционер, да стане тајна? Антикорупциската комисија не покажа никаков интерес да објасни. Толкување добивме од Kомисијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер, која се повика на два закона.
„Решението на Комисијата е донесено… поаѓајќи од член 6 став 1 точка 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и имајќи ги предвид одредбите од Законот за заштита на личните податоци.“ одговорија меѓу другото од Комисија за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер
А, во Законот за слободен пристап, членот 6 дефинира кога Комисијата има право да одбие пристап до информација. Во него не се прецизира што се смета за заштитен податок. Такви одредби има во Законот за лични податоци, но случајно или не, во својот одговор Комисијата не се повика на ниту еден конкретен член од тој закон. Бидејќи таму никаде не пишува ниту збор за анкетните листови.
Дека Комисијата не требало да ја одбие новинарката Денковска Гоцевска смета и нејзиниот потпретседател, Блерим Исени. Во конкретниот случај, тој гласал во прилог на новинарското барање, но бил надгласан со само еден глас повеќе, бидејќи Комисијата подолго време има само тројца членови иако треба да бидат петмина.
„ Ако го погледнеме Законот за заштита од корупција, таму е децидно наведено во член 35 дека анкетните листови треба да бидат јавни за општата јавност.“- вели Блерим Исени – заменик-претседател на Комисија за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер
За Блерим Исени, криењето на податоците кои треба да бидат јавни е спротивно на целта за која е смислена и институцијата во која работи.
„ Оценив дека широката јавност треба да знае за функционерите – кога се назначени кое било нивното богатство и колку била нивната финансиска тежина по завршувањето на мандатот, како што предвидува законот за заштита од корупција, во рок од 30 дена по завршување на мандатот, функционерот е должен да го пријави својот имот во антикорупциската комисија.“– толкува Исени
Дека анкетниот лист не може да биде личен податок смета и поранешната членка на Антикорупциската комисија Вања Михајлова. Поглед во комшии, вели, е доволен за да се види дека достапноста на анкетните листови е буквата „А“ во антикорупциската азбука.
„Словенија, Црна Гора, а после тоа и Србија имаат одредби со кои по завршување на мандатот анкетните листови можат да стојат на веб страната. Меѓутоа имате и едно добро решение со кои и две години по завршување на мандатот функционерите поднесуваат анкетен лист. Знаете што, се случува за време на вршење на мандатот ако некој незаконски се збогатил тој имот да го прикаже подоцна, година-две по завршувањето на мандатот. И токму поради тоа е кај нив таа обврска и по завршување на функцијата да се поднесува анкетен лист, со цел не само Комисијата туку и јавноста да има увид.“ – изјави за 360 Степени Вања Михајлова- поранешен членка на ДКСК.
Според Михајлова, решението е во законски измени кои ќе гарантираат јавност и исторски преглед на анкетните листови и кои нема да оставаат простор за слободни интерпретации. Но, вели Михајлова, потенцијалните измени не треба да завршат на анкетните листови, туку на се што е погрешно во борбата против корупцијата.
„Освен онаа смена на јавниот обвинител, јас во оние приоритетите на владата 3-6-9 не видов дека се предлагаат измена на законот за спречување на корупцијата, со што би измениле и критериумите за избор на членовите на ДКСК. Мислам дека треба да се зголемат и надлежностите на комисијата. Ингеренциите треба да одат до таму, прво она што УЈП го прави околу испитување на потеклото на имотот, треба да се префрли кај Комисијата. И Комисијата треба да има надлежности со кои ќе може да бара од надлежните органи, дури и кога врши контрола на анкетните листови, да и достават податоци. Да речеме, од Катастарот или од УЈП или од Царина или од другите органи – со каков имот располага одредениот функционер. Целта е да може да ја споредува пријавената состојба со она што е вистинска состојба.“- изјави Михајлова.
Со ограничени можности јавноста сама да провери дали и колку функционери несразмерно се збогатиле, побаравме податоци- што работат надлежните по службена должност. Конкретно, прашавме во Антикорупциската комисија и во УЈП – има ли постапки за испитување на имотната состојба и што е епилогот од нив.
Работа на Антикорупциска е да се грижи за навремени и целосни анкетни листови, но кога нешто им е сомнително можат од УЈП да бараат “чешлање” на имотот на функционер. УЈП води постапки по иницијатива на Антикорупциска, но може да истражува и сама. Ако се докаже злоупотреба, УЈП е единствената која може да бара замрзнување на имот, да бара наплата на данок па и да поднесе кривична пријава до јавното обвинителство.
Од Антикорупциска ни одговорија дека од почетокот на годината:
„До Управата за јавни приходи, во согласност со член 36 од Законот за спречување на корупцијата, поднесени се вкупно 18 барања за поведување постапка за испитување на имот и имотна состојба. Поведувањето и водењето на постапката за испитување имот и имотна состојба, според Законот за спречување на корупцијата, е во надлежност на Управата за јавни приходи… Тргнувајќи од наведеното, во однос на Вашите прашања, ве упатуваме да се обратите до Управата за јавни приходи.”- одговорија меѓу другото од ДКСК.
Од Управата за јавни приходи ни одговорија дека во последните шест месеци:
„Во согласност со член 36 од Законот за спречување на корупцијата, УЈП има поведено вкупно 11 постапки за испитување на имотот и имотната состојба на избрани и именувани функционери. Сите започнати постапки се во тек … и … тие не можат да бидат предмет на комуникација со јавноста, во согласност со … Законот за даночна постапка. Од тие причини, Ве молиме да се обратите до Државната комисија за спречување на корупција, која ја известува јавноста за преземените мерки и активности и за нивните резултати.“ – одговорија меѓу другото од УЈП.
Сумирано, заклучокот од овој институционален пинг-понг е дека под лупа на институциите се вкупно 10-тина функционери кои потенцијално несразмерно се збогатиле. Но, не може да се знае кои се тие, дали дополнително ќе бидат оданочени или за нив има пријави до Јавното обвинителство.
Дали новинарите ќе откријат повеќе?
„ Ние сега ќе се жалиме, ќе тужиме до Управен суд, бидејќи сметаме дека причината поради која не одбиваат е тотално смешна, во најмала рака. Ќе се обидеме и преку други институции да ја побараме имотната состојба на предметниот функционер… Има други начини, но ќе треба многу подолго време.“- вели Александра Денковска Гоцевска- новинарка во НОВА ТВ.
Во изминатата деценија имаше неколку случаи во кои токму анкетните листови на функционерите беа основа за преиспитување на нивното богатство. Меѓу најекспонираните се случаите на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, кој во два наврати беше посочуван од опозицијата и од истражувачките новинари за несразмерно богатење или непријавување имот. Последниот случај, во 2013-та, Антикорупциската комисија и УЈП го затворија во полза на Мијалков, со објаснување дека разликата во два анкетни листа, тешка околу 700 илјади евра, била само техничка грешка.
Но и сведувањето на случајот на „грешка“ беше возможно затоа што одредени лица водеа свои приватни историски архиви на имотните листови на функционерите, а не затоа што се на увид на јавноста, како во многу демократски држави во светот.
Напишете коментар