Поранешниот претседател се соочува со многубројни правни предизвици при неговото враќање, меѓу кои и истрагата што се води против него за тоа дали тој ги поттикнал немирите во кои неговите приврзаници упаднаа во клучните владини објекти, една недела по инаугурацијата на актуелниот претседател на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва
Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е на пат за Бразил каде што се враќа по неколку месеци поминати во Соединетите Американски Држави, пренесува Би-би-си.

Екстремно десничарскиот политичар се враќа по првпат во својата земја откако неговите приврзаници упаднаа во Врховниот суд, Конгресот и претседателската палата во јануари по поразот на изборите.
Немирите во Бразил се случија по неколкунеделни протести во кои неговите приврзаници тврдеа дека противкандидатот на Болсонаро, Луис Инасио Лула да Силва, нелегитимно и со измама победил на претседателските избори.
Говорејќи на аеродромот во Флорида пред да се качи на лет кон Бразил, тој изјавил дека нема да ја води опозицијата против актуелниот бразилски претседател.
Сепак, во интервју за Си-ен-ен, тој истакнал дека со своето лично искуство ќе ѝ помогне на неговата Либерална партија и оти има намера да биде дел од кампањата низ Бразил за локалните избори во земјата, кои треба да се одржат следната година.
По пристигнувањето на терминалот во Орландо, Флорида, тој разговарал и се фотографирал со голем број поддржувачи.
Болсонаро, како што се наведува, треба да пристигне во главниот град на Бразил, Бразилија, денеска по локално време.
Поранешниот претседател се соочува со многубројни правни предизвици при неговото враќање, меѓу кои и истрагата што се води против негов за тоа дали тој ги поттикнал немирите во кои неговите приврзаници упаднаа во клучните владини објекти, една недела по инаугурацијата на Лула.
Тој ја напушти земјата во декември пред неговиот наследник да положи заклетва и отпатува на Флорида, каде што аплицираше за шестмесечна американска туристичка виза.
Болсонаро во тесна трка ги загуби претседателските избори во октомври минатата година од неговиот левичарски ривал, што доведе до неосновани тврдења на неговите поддржувачи за измама при гласањето, кои на крајот прераснаа во насилство во главниот град на земјата.
Тој изрази „жалење“ за немирите, но негираше дека ги поттикнал.
Сепак, Врховниот суд на Бразил одлучи да покрене истрага против него за упадот во владините згради на 8 јануари годинава.
На тој ден, илјадници поддржувачи на радикалниот десничар Болсонаро, кои и понатаму тврдат дека претседателските избори биле наместени, упаднаа во Врховниот суд на земјата, Конгресот и претседателската палата во Бразилија.
Тие кампуваа во и околу градот со недели повикувајќи на воен удар, а повеќе од 1 200 луѓе беа уапсени и обвинети за немирите, потсетува британскиот национален сервис.
Во февруари, бразилскиот сенатор Маркос дe Вал рече дека Болсонаро имал состанок со него, ковајќи заговор за да биде задржан на власт. Сенаторот тврдеше дека од него било барано да го натера шефот на изборните органи во земјата да ги поништи резултатите од претседателските избори.
Ниту Болсонаро ниту неговите соработници досега не излегоа со коментар на тврдењата на сенаторот.