Штипската Клиничка болница се соочува со недостаток од доктори, медицински сестри, хигиеничари но и болничари а потреба од медицински кадар има на сите одделенија во болницата, пишува Сител. Директорот на болницата Ален Георгјиев вели дека во моментот најпотребни се анестезиолози, на одделот за очни болести но и за ортопедија и инфективни болести каде што има најитна потреба. Директорот вели дека една од причините што нема кадар е пензионирањето на дел од вработените, но и фактот што лекари специјалисти заминуваат во приватното здравство или пак во странство.
„Се случи да ние во рок од 2-3 месеци останеме без 4 гинеколози, меѓутоа за среќа имавме во тој период лекари на специјализација по гинекологија, еден по еден се вратија и во моментот има 5 гинеколози. Можам да кажам дека сега не чувствуваме поголем недостаток на доктори која ќе се одрази на тековната работа на одделот за гинекологија и акушерство”,
изјави Георгијев за Сител.
Деновиве се очекува да пристигне одобрение од Министерството за финансии за вработвање на нови 13 лица.
„Се работи за 6 доктори на медицина, за 6 медицински сестри и една акушерка. Тоа е последно барање, кое очекуваме да биде многу скоро потпишано”,
кажа Георгијев.
Болницата со сопствени средства набавила апарат за анестезија во вредност од 3 милиони денари, кој ќе се користи на сите одделенија каде се извршуваат хируршки интервенции.