Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, на крајот од денешното сведочење на Катица Јанева во судницата побара збор во судница и повторно зборуваше за неговиот политички ангажман.
„Во однос на мојот вчерашен исказ дека ќе се занимавам со политика, би сакал судот да ми овозможи да имам право на мои соопштенија до јавноста кои ќе ги пласирам преку вас и да не ме цензурирате зошто јас со овој предмет немам забрана за вршење било каква дејност. Целта ми е сите политички малверзации во оваа држава да ги посведочам за да станам лидер на нова европска Македонија“,
рече Јовановски.
Тој понатаму зборуваше и бараше од судот да му се укине мерката притвор и потсети на својата здравствена состојба, но се пожали и на дискриминација бидејќи во решенијата со кои му се одбива укинување на притворот се наведувало дека има опасност за бегство бидејќи нема основано потесно семејство.
„Во оваа држава не се дозволени истополови бракови, како е можно да формирам семејство кога тоа ми се забранува. Но немојте да заборавите дека сум дел од семејство како дете на родители, како син единец“,
рече Јовановски.
Во неговото обраќање понатаму иронично го прекина и обвинителката Вилма Русковска со коментар: „Судија, да не решил со неговиот политички ангажман да го достигне Јосип Броз?“
„И ќе го надминам“,
возврати Јовановски.
Понатаму тој порача дека лидер останува до крај таму каде што е и дека нема да бега ниту, пак, се плаши од судијката и од пресудата, а најмалку од обвинението.
Судот го одвои барањето за укинување на притворот бидејќи нема промени на околностите, а судијката Васка Николовска-Масевска рече дека нема да ги коментира барањата и најавите за негов политички ангажман.