Бојан Јовановски-Боки 13 денеска треба да даде исказ и да поднесе кривични пријави пред Основното јавно обвинителство-Скопје.
Од Јавното обвинителството велат дека известувањето кое е пристигнато од Основниот кривичен суд е дека Јовановски треба да биде спроведен до скопското обвинителство, а не до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал, каде што шефица е Вилма Русковска.
Неговиот адвокат, Сашко Дукоски, за „360 степени“ потврди дека Јовановски е веќе донесен во Обвинителството и во моментов поднесува кривични пријави.
Пред точно една недела, Боки со првостепена пресуда беше осуден на 9 години затвор за делата примање награда и противзаконито влијание и за перење пари во случајот „Рекет“.
Јовановски уште при изрекувањето на пресудата на 18 јуни соопшти дека поднел барање на 25 јуни да биде спроведен во обвинителството. И во текот на судскиот процес Јовановски неколку пати истакнуваше дека сака да биде примен директно од републичкиот обвинител Љубомир Јовески и во неколку наврати нагласуваше дека сака да поднесе кривични пријави за криминал, за кој тврдеше, дека има сознанија.
Неговиот адвокат, Сашко Дукоски, при гостувањето на ТВ 24 уште на дента кога беше изречена пресудата зборуваше за барањето на неговиот клиент за средба во обвинителството и посочи дека кривичните пријави би се однесуваме за измама, злоупотреба на службената положба, шпионажа, во кои би биле опфатени и актуелни функционери.