Обвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13, денеска повторно бараше збор во судница и зборуваше за тоа дека е дискриминиран и најавуваше кривични пријави.
Тој повтори дека испратил писмо до републичкиот обвинител Љубомир Јовески, но оти тој преку изјави јавно му одговорил сè што има да каже во судница. Затоа, рече Јовановски, се обраќа повторно за истата работа.

„Она што би сакал пред овој суд и јавност да го кажам е: Јас заедно со мојата одбрана сакам да поднесам 19 кривични пријави“,
рече Боки.
Една од кривичните пријави, рече тој, ќе биде за обвинителката Вилма Русковска, која ја обвини и за корупција, но без да каже детали.
„Дали лицето Вилма Русковска да го пријавам кај обвинителката Вилма Русковска? Каде да го пријавам лицето Вилма Русковска за корупција од 4 милиони евра за кои имам несоборливи докази?“,
праша Јовановски.

Додека тој го зборуваше ова, Вилма Русковска не беше во судницата, исто како и на претходните две рочишта. Обвинението на нејзино место го застапува Гордана Смаќоска, која и ги испитува сведоци, а друштво и прави и обвинителката Ивана Трајчева.
Судијката Васка Николовска-Масевска го поучи дека може да бара изземање на обвинител со повисоки инстанции и дека местото за такво барање не е судот. Тој, пак, повтори дека се обратил до Јовески, но не добил одговор. Меѓутоа, во тоа писмо станува збор за барање за прием кај републичкиот обвинител на кој обвинетиот ќе ги изнесе своите сознанија додека формално барање за изземање на Русковска не е поднесено.
Адвокатот на Јовановски, Сашко Дукоски, пак, не сакаше да ги коментира наводите на неговиот клиент за наводната корупција 4 милиони евра.
„Не би го коментирал, тој ќе го објасни тоа“,
рече Дукоски кој посочи и дека неговиот клиент има сознанија кои може и да не ги сподели со него.
Инаку, и Јовановски и Дуковски посочија дека е побарана меѓународна медицинска еваулација за неговата здравствена состојба. Докуметацијата е испратена во Србија и во некои други земји од каде очекуваат одговор за состојбата на Јовановски поради која тој бара и да му се укине мерката притвор.
Пред денешното излагање на Боки, во судница се слушнаа сведочењата на пет лица предложени од обвинителството. Што се случуваше на денешното рочиште прочитајте во сумираниот извештај: Материјалните докази за „Рекет“ од утре во судница – Боки купувал мебел, не го плаќал, но дал гаранција