Во врска со мотивите за убиството, односно дали тие се поврзани со професијата на жртвата или за нешто друго, дополнителниот заменик-министер изјави дека тие сè уште не се откриени до крај
Шеесет и седумгодишниот лекар, кој пред две недели беше пронајден избоден до смрт на паркинг во близина на поликлиниката „Железара“, не бил убиен во автомобилот во кој беше пронајдено неговото безживотно тело, туку бил донесен во него, изјави денеска за „Слободен печат“ дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во техничката влада Митко Бојмацалиев.

Тој не сакаше да открива повеќе детали во врска со новите сознанија за, како што рече, да не ја наруши истрагата која и натаму е во тек и во рамките на која полицијата сè уште работи и собира информации од терен.
„Колегите сè уште работат, ги собираат информациите од терен, подигнати се доказите од автомобилот кој е најден, каде што е најдено лицето и според наши сознанија и според тоа што досега е утврдено можам да потврдам дека лицето не е убиено во автомобилот, туку е донесено во автомобилот. Повеќе не би можел да откријам за да не ја нарушиме истрагата“,
рече Бојмацалиев.
Во врска со мотивите за убиството, односно дали тие се поврзани со професијата на жртвата или за нешто друго, дополнителниот заменик-министер изјави дека тие сè уште не се откриени до крај.
Безживотното тело на лекарот, како што соопштија тогаш од Министерството за внатрешни работи, беше пронајдено доцна вечерта на 21 март во неговиот автомобил, марка „киа“ на паркинг пред поликлиниката „Железара“. Според информациите на полицијата и на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, телото го пронашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако тој не се вратил дома од работа.
Еден ден по пронаоѓањето на убиениот лекар на паркингот пред поликлиниката можеа да се забележат траги од крв кои најверојатно се од местото каде бил паркиран автомобилот на убиениот лекар.
На 25 март ТВ Телма, повикувајќи се на изјава од МВР, објави дека во рамките на истрагата во тие неколку дена биле извршени разговори со повеќе од 15 лица и прегледани снимки од 40 камери, меѓу кои и оние од системот „Безбеден град“.
Два дена подоцна министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски во поткастот „Претрес“ соопшти дека во врска со убиството се приведени две лица, а следниот ден за време на посетата на Босилово информираше дека е приведено уште едно лице.
„Значи, приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови, се продолжува со други истражни дејствија, со цел да може да се утврди соодветно фактичката состојба. Штом имаме дополнително нови информации, јавноста ќе биде известена“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Босилово.

На барање на Основното јавно обвинителство Скопје, на двајца од приведените им беше одреден краткотраен 48-часовен куќен притвор. Тоа беше на 28 март, за да наредниот ден во попладневните часови од Јавното обвинителство на РСМ соопштат дека нема докази дека трите приведени лица го извршиле делото и од тие причини Обвинителството за нив нема да бара дополнителни мерки за обезбедување на присуство.
„До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина, не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело“,
соопштија во петокот од Јавното обвинителство на РСМ.
На овој момент се осврнува и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи во изјавата за „Слободен печат“.
„Таму да имавме приведено три лица, со законскиот рок што ни е овозможен беа задржани на разговор, констатирани деталите и лицата се ослободени поради недоволен број на докази да продолжи постапката понатаму“,
рече Бојмацалиев.

До овој момент од страна на истражните органи нема информации за евентуално нови осомничени во врска со убиството на 67-годишниот лекар.