Оваа фотографија објавена на социјалните мрежи со која се повикува на бојкот на наставата во Скопје поради загадениот воздух, беше поттик за повеќе родители да побараат итни мерки за заштита за најмалите. Ја постираше мајка која стравува да ги изнесе своите деца до градинка и вооопшто надвор од станот.
„Ние навистина немаме друга опција и затоа се сложивме како родители да ја бојкотираме наставата, затоа што мислиме дека ќе испратиме многу силна и моќна порака до власта дека време е нешто навистина да се преземе.“, вели Тамара Сухарова – Градишки, мајка на две деца.
Но и внатре во домот, стравот ја натерал самата да бара решенија за почист
„Ете исто користиме во домот и растенија кои помагаат за прочистување на воздухот. Еве не знам, р да се расчитаат родителите што немаат доволно финансии дека можат и од тој аспект да се заштитат.“, додава таа.
Тамара не е сама во стравот за здравјето на своите деца. Слично размислуваат и други родители кои ги сретнавме во моментите кога ги земаа своите деца од училиштата и градинките.
„Треба да се преземат некои мерки, ова е секоја година вака, ама вака не било никогаш.“
„Треба под итно на распуст да ги пуштат уште од утре, тоа е една од конкретните мерки што треба да ги преземат. Бидејќи никој ништо не презема, тоа е прв чекор. Не прават буквално ништо.“, коментираат и останатите родители кои ги анкетиравме.
Но, реакциите на родителите го разгневија градоначалникот на Скопје.
„Наводна некаква иницијатива, на наводни некакви родители да децата не одат на училиште. Јас ќе се извинам на форумот, простотилукот во политиката не доведе на ова дереџе затоа што секој мислеше дека може да знае се. И јас не знам се, затоа имам служби.“, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Партиските етикети од градоначалникот на Скопје ги наполнија социјалните мрежи со потсетување на изјавите на Шилегов како опозиционер.
„И покрај бројните ветувања, градската власт не стори ништо да го намали нивото на ПМ честички во Скопје и дозволува сите ние да се труеме од загадениот воздух. На Скопје му е потребна итна стратегија за чист и квалитетен воздух, којшто го дишат скопјани.“
Вака зборуваше кандидатот за градоначалник Шилегов, а градоначалникот Шилегов сега одговара вака:
„Што превзема градот како краткорочна мерка? Како да постои некаде копче, коешто градоначалникот не сака да го вклучи за да се исчисти околината. Јас одговорив дека на ова не можеме да му дадеме третман на филм, во кое за два часа се завршува или на реалити шоу. Ова е пресериозна работа за да немаме несериозен пристап.“
И навистина работата е сериозна, бидејќи минатата недела Скопје беше најзагаден град во светот, а присуството на опасните честички во воздухот беше и до десетпати повисоко од дозволеното. Од друга страна, сообраќајот се одбива без ограничувања, домаќинствата продолжуваат да се греат на нееколошки енергенси, а циркулирањето на воздухот во македонската метропола одамна е исчезнато со неконтролираното градење.
Иако концентрациите на ПМ 10 честичките во моментов се речиси осум пати над дозволеното во општина Карпош, сепак овде на улица Партизанска на терен може да се видат работници кои го асфалтираат патот, без притоа и тие да се заштитени од аерозагадувањето.
Градоначалникот на Карпош, во меѓувреме, најави засилени инспекции и стопирање на градежните работи во општината, но работите нема да одат лесно, и не само во Карпош, зашто институциите кубурат со кадар.
„Влегуваме во процес каде што сакаме да го надокнадиме отсуството на инспектори за животна средина со инспектори од комуналната сфера кои веќе постојат и малку да ги измешаме инспекторите ако е од една општина да го пуштиме во друга општина, бидејќи можеби ќе треба да дојде кај својот сосед.“, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Претставници на граѓанскиот сектор, кои членуваат во државната меѓуресорска комисија, сведочат дека власта тактизира со дел од мерките, гледајќи ги низ призмата на гласови.
„Тие се загрижени, дека на пример мерките кои МВР треба да ги спроведе се најнепопуларни мерки. Ќе треба да казнуваат граѓани, ќе треба да пишуваат казни доколку дојде до пар-непар, токму затоа се двоумат ова се нивните грижи. Дури и мерката со ставање налепници на возилата по загадување е непопуларна кај граѓаните. Тие сега треба да излезат со решенија каде запнува работата и на следниот состанок да кажат што постигнале до сега. Досега не е закажан следниот состанок, претпоставувам дека ќе биде после Нова година.“, изјави Елена Николовска од НВО „Еко Свест“.
За идеите да се канализираат полесно, министерството за животна средина формирало уште едно, ново координативно тело, кое ќе дава извештаи до интересорската група.
„Никој не бега од одговорноста ниту сакам да барам алиби, ниту можеме да ги вратиме дрвата што се исечени, ниту можеме да ги срушиме зградите кои го задушија воздухот, но можеме со еден континуиран пристап постојано да го намалуваме.“, вели Макрадули.
Оваа зима фокусот е на контрола на техничките прегледи на возилата, особено на емисијата на издувни гасови од приватните автобуси и такси возилата, како и на засилена инспекција на фабриките и помалите индустриски капацитети. Град Скопје издвои пари од буџетот за 2018тата за субвенции за приватните автобуси да се префрлат на гас, а за ЈСП, за набавка на електрични автобуси.
„Во делот на урбанизмот, Градот започна со еден проект на зазеленување, којшто е се разбира симболички, но зборуваме не за обичен тип на садници, туку високоразвиени кои веќе можат да придонесат. Субвенциите кои се даваат за пелети, можат да придонесат, е една од мерките којшто се применува. Долгорочните мерки, гасификацијата и енергетската ефикасност се клуч.“, вели заменик-министерот.
Најновата одлука на владата е доколку два последователни дена, присуството на ПМ 10 честичките во воздухот е над 200 микрограми на најмалку 2 мерни станици во Скопје, да стапи забрана за работа на отворено од 11 до 17 часот, да се ослободат од работа бремени и хронично болни и да се редуцира употребата на службени возила. Дополнително, локалните власти ќе треба да обезбедат бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците и зголемена инспекциска контрола на градилиштата.
Напишете коментар