Апелацискиот суд ја одби како неоснована жалбата на Бојан Јовановски, кој е обвинет во случајот „Рекет“, и го потврди првостепеното решение со кое тој останува во притвор.
„Апелацискиот суд, по одржана јавна седница, донесе одлука со која жалбата на обвинетиот Б.Ј. доставена преку неговиот бранител ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е продолжена мерката притвор против обвинетиот, го потврди“,
се вели во соопштението до Апелација.
Одлуката во целост ќе биде објавена веб-страницата на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
На јавната седница во Апелација на 23 јануари, адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дуковски, рече дека обвинетиот се наоѓа во притвор шест месеци, а е однесен на преглед 60 пати, што ја претвора мерката притвор во казна.
Адвокатот посочи и нов медицински извештај од 14 јануари 2020 година од супспецијалист, во која абдоменалниот хирург предлага операција веднаш и обвинетиот да се стави на строг хигиенско-диететски режим, со оглед на честите улкусни лезии.