Може да настанат штети од суспендирање на планот, но постојат штети и од неотстранување на недостатоците, како лош квалитет на живот и загрозено здравје, му реплицираше на градоначалникот поранешната претседателка на Советот на општината
Според новиот Закон за урбанистичко планирање, штетите што би настанале од суспендирањето на планот и отстранувањето на недостатоците на урбанистичкиот план ќе ги сноси општината, информираше денеска, на седницана Советот на Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ, во врска со планираната изградба на висококатници кај хотелот „Холидеј ин“.
„Ако се тргне во постапка за суспензија, а не се постигне посакуваниот ефект, може да се соочиме со штета. Иако немаме методологија за елаборатите, ние ги изработивме, ги наведовме нашите укажувања за недостатоци. За да се испорачаат елаборатите за мислење и за да се донесе конечна одлука за супсензија треба да се добие мислење од Министерството за транспорт и врски, кои ја немаат допрецизирано методологијата“,
нагласи Богдановиќ.
Советничката Јана Белчева Андреевска нагласи дека градоначалникот веќе некое време се обидува да се оправда.
„Сето ова одлговлекување со неиспраќање на елаборатите кои се изготвени од стручните служби, практично, се искористило за купување време, малку за замајување на јавноста, за да дојде до одобрување на проектот, да се овозможи чист терен за издавање дозвола за градба“,
рече Белчева.
Таа укажа дека, според членот 9 од Законот за урбанистичко планирање, стои дека штети можат да настанат и од суспендирање на планот, но постојат и штети од неотстранување на недостатоците на урбанистички план.
„Тие штети можеби не можат да се измерат во милиони евра, ама се загрозен квалитет на живеење на граѓаните, загрозено здравје и една поразителна немоќ и порака дека битката е изгубена и дека секогаш во урбанизмот можат да победат насилните и алчните“,
рече Белчева.
Седницата беше прекината откако претседателката на Советот констатираше дека по последната 16. точка на дневен ред (Информација за постапување по заклучок донесен од Советот на општина Центар на 17 декември 2020 година) не можат да донесат ниту препорака, ниту заклучок.