Шефот на СЗО предупреди дека делта-сојот се шири со страшна брзина, а главната научничка пак, порача дека засега нема доволно податоци оти е потребна трета доза или дека е безбедно да се мешаат вакцини од различни производители
Во ситуација кога дел од земјите веќе нудат или размислуваат за употреба на дополнителна трета доза вакцина против ковид-19, Светската здравствена организација (СЗО) уште еднаш ги повика богатите држави на солидарност. Тие, порача СЗО, не треба да нарачуваат дополнителни дози додека некои сè уште немаат примено ни прва доза.
Јазот на глобално ниво во однос на достапноста на вакцините меѓу државите, предупреди шефот на СЗО Тедрос Адамос Гебрејезус, е неправеден и нерамномерен.
„Некои земји и региони нарачуваат милиони дополнителни дози пред други земји кои сè уште не обезбедиле доволни резерви за своите здравствените работници и најранливите категории“,
вели Тедрос.
Тој ги издвои производителите „Модерна“ и „Фајзер“/„Бионтек“ како пример на компании чија цел им е да обезбедат дополнителни дози за оние кои веќе имаат висока стапна на имунизација. Наместо тоа, вели Тедрос, тие би требало да ги пренасочат дозите во Ковакс системот за да се распределат на сиромашните.
„Делта-сојот се шири со страшна брзина“
Првиот човек на СЗО предупреди и дека бројот на жртви од коронавирусот повторно се зголемува и оти делта-сојот станува доминантен, а многу земји сè уште не ги вакцинирале ни здравствените работници.
„Делта-сојот се шири со страшна брзина што предизвика пораст на заразата со ковид-19 и на бројот на починати“,
вели Тедрос потенцирајќи дека станува збор за многу позаразна варијанта која досега е регистрирана во 104 земји.
Потребна ли е трета доза?
Научниците од СЗО и денеска го повторија ставот дека сè уште нема доволно податоци дали е потреба трета доза од вакцината. Иако можеби дополнителна доза еден ден ќе биде потреба, во моментов нема докази дека веќе има потреба од тоа.
Исто така, главната научничка на СЗО, д-р Соумија Сваминатан, предупреди да не се мешаат вакцините односно да не прима една доза од еден, а втора од друг производител. Таа ова го нарече „опасен тренд“ со оглед дека има малку податоци за влијанието на миксот од две различни вакцини.
„Ова е опасен тренд. Ние сме во фаза кога сè уште сме без податоци и без докази“,
вели Сваминатан.