Дел од српските медиуми пренесуваат дека додека траела блокадата пред Земјоделскиот факултет, непознато лице со автомобил влетало во насобраните граѓани и студенти
Во Белград и денеска на повеќе локации биле поставени блокади во знак на протест поради жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
Зелениот лев фронт (ЗЛФ) соопшти дека 15 минути го блокирал белградскиот Северен булевар.
Од ЗЛФ на Фејсбук, заедно со фотографиите од блокадата, соопштија дека нема да се откажат од одговорноста и правдата.
На една од паролите што ја носеа од ЗЛФ беше испишано: „Ако нема правда за народот, нека нема мир за власта“.
Во Белград денеска студентите 15 минути блокирале дел од булеварот „Крал Александар“, како и улицата кај Земјоделскиот факултет.
Дел од српските медиуми пренесуваат дека додека траела блокадата пред Земјоделскиот факултет, непознато лице со автомобил влетало во насобраните граѓани и студенти.
Студенти што биле на блокадите, како што пренесува српскиот медиум Н1, велат дека возачот на автомобилот упаднал без причина и додаваат дека секој што имал некаков проблем бил пропуштeн.
„Во моментот кога се приближив, автомобилот тргна кон нас. Застанав пред возилото. Не сум повреден и нема да играм жртва, ме удри кола по колено. На снимката се гледа дека човек лежи на хаубата и дека го носи 30 до 40 метри. Сите истрчавме да го запреме тој автомобил бидејќи возење со автомобил директно кон човек е обид за убиство“,
вели студентот Алекса Драговиќ за Н1.
Нова.рс подоцна пренесе дека е идентификуван и уапсен маж кој со автомобил влетал во толпа студенти во близина на Земјоделскиот факултет.