„Порано, кога ја формиравме Владата, реков шест месеци и бев многу оптимист. Сега, искрено, не гледам опции, освен ако не излезе нешто што не можеме да предвидиме за брзо решавање на проблемот, за да ги започнеме преговорите“, вели еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН во интервју за „360 степени“

Блокадата на европскиот пат на земјава е најголемата загриженост за мене, вели Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Таравари вели и дека не гледа брзо решение.
„Порано, кога ја формиравме Владата, реков шест месеци и бев многу оптимист. Сега, искрено, не гледам опции, освен ако не излезе нешто што не можеме да предвидиме за брзо решавање на проблемот, за да ги започнеме преговорите“,
вели Таравари.
Министерот за здравство додава „не дека не се обидуваме“, меѓутоа во моментов не гледа излез.
„Имајќи ги предвид сите овие случувања, геостратешки, оваа поделба меѓу САД и Европа, ова е навистина загрижувачки. Ние мислиме дека нонстоп ќе бидеме во фокус на поголемите сили, а тие за жал си имаат свои проблеми и свој приоритети. И ние, некако, остануваме на маргините на сите случувања… Така што, да видиме, ова искрено многу ме загрижува“,
вели тој.

На прашањето, што му вели премиерот Христијан Мицкоски на оваа тема, Таравари одговара:
„Видете, тој има право за тоа што го бара. Сега ова е повеќе прашање на Македонците. Меѓутоа, во Македонија живееме сите ние. Јас знам дека тој е загрижен и дека прифаќа некаква формулација којашто би била со задоцнето применување (на уставните измени, н.з.)… Но, гледам дека од бугарска страна нема подготвеност тоа да се прифати… Јас не гледам некое брзо решение. Камо среќа да испадне нешто и премиерот да има некакво прифатливо решение и за него. Ние можеме да кажеме сѐ што сакаме, меѓутоа тој има 58 пратеници на крајот на денот и без усогласеност со ВМРО и со премиерот Мицкоски, јаа мислам дека е невозможно да се направат уставните промени, а тоа е единствено решение за да се почнат преговори со Европска Унија. Јас не гледам друга алтернатива освен уставните промени“.