Соговорниците размениле мислења и за состојбите во Нагорно Карабах и во регионот Сахел во Африка
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, денеска разговараше со Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, како и со неговиот француски колега, Жан Ив Ле Дриан, за напорите на НАТО сојузниците и партнерите од ЕУ, Г-7 и другите организации да се одговори на руското воено трупање сили на границите со Украина.
„Соговорниците ја истакнале важноста да се дава постојана поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и да се осигура дека Русија е свесна за високата цена што би ја платила доколку изврши инвазија на земјата“,
јави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс за средбата со Столтенберг.
Блинкен и Столтенберг разговарале и за дипломатските напори Русија да се натера на деескалација и да почне содржаен и реципроцитетен дијалог, како и за обидите на САД и сојузниците за зацврстување на источното крило на Алијансата.
Со францускиот колега, Блинкен разговарал за постоечките напори на групата Минск да се поддржи разрешување на отворените прашања меѓу Ерменија и Азербејџан околу конфликтот во Нагорно Карабах. Тие ги разгледале и случувањата во регионот Сахел во Африка.
Државниот секретар го истакнал значењето на ангажманот на НАТО со азиско-тихоокенските партнери и го напоменал лидерството на Франција во окончување на Ковид-19 пандемијата и другите области за соработка во тие напори.