Благоја Милевски од 1 август ќе го замени Игор Ангеловски на селекторското место во македонската фудбалска репрезентација. Како што соопшти Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Милевски на денешната седница на управниот одбор во куќата на фудбалот бил избран за нов селектор на македонската А-репрезентација.
Милевски во моментов е предводник на репрезентацијата до 21 година.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, се заблагодари на досегашната соработка на Ангеловски и рече дека тој самиот го најавил повлекувањето од селекторското место и дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера.
„Сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А-репрезентација. Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А-репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот што го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две европски првенства – младинско и сениорско – и уверени сме дека тој пат мора да продолжи“,
вели Сејдини.
Сејдини вели дека на Милевски му е даде довербата да ја предводи репрезентацијата поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети.
„Македонската А-репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски, кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим. Веруваме во неговите квалитети и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А-репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е“,
вели Сејдини.
На седницата на управниот одбор на ФФМ била донесена одлука за назначување на Драган Канатларовски за селектор на македонската репрезентација до 21 година.