Жртвите и во двата случаи успеале самите да го оттурнат и да се ослободат
За 23-годишен битолчанец определена е мерка притвор бидејќи е осомничен за две кривични дела – полов напад и силување, информираат од Основното јавно обвинителство Битола од каде додаваат дека за лицето веќе има поведено постапка.
Битолчанецот, како што информираат од Обвинителството, во два наврати полово нападнал две млади девојки. Првиот случај бил на 9 септември, а вториот на 7 ноември годинава. Во двата случаи битолчанецот полово ги нападнал девојките и започнал да ги допира. Жртвите, додаваат од Обвинителството, и во двата случаи успеале самите да го оттурнат и да се ослободат. По ова осомничениот бегал од местото на нападот.
Од Обвинителството велат дека мерката притвор е побарана поради постоење околности осомничениот да ги повтори нападите доколку остане на слобода.