Овој украински град е под целосна опсада и таму моментно се водат најтешките борби; Се смета дека Мариупол е стратешки многу важен за Русија, бидејќи со негово освојување би ја поврзала претходно освоената територија
Руски официјални лица потврдија дека заменик-командантот на руската Црноморска флота, капетанот од прв ранг, Андреј Палиј, загинал во борбите во Мариупол, јави Би-Би-Си.
Претходно Украина тврдеше дека го убила рускиот командант во градот Мариупол, кој е целосно под опсада и каде во моментов се водат најтешките борби.
Смртта на Палиј првично ја потврди секретарот на поморскиот колеџ „Нахимов“, Константин Царенко, на социјалната мрежа Вконтакте.
Подоцна, руски претставник од Севастопол, базата на Црноморската флота на Крим, истакна дека: „Севастопол претрпе тешка, непоправлива загуба… Палиј загина во борбите за ослободување на Мариупол од нацистите“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска, во нова видео снимка изјави дека „блокадата на Мариупол ќе влезе во историјата како воено злосторство“.
„Она што окупаторите му го направија на мирниот град е терор што ќе се памети со векови. Како што повеќе Украинци ќе зборуваат за тоа пред светот, така ќе добиваме посилна поддршка
рече Зеленски, заклучувајќи дека „последиците ќе бидат многу потешки ако Русија продолжи да ја тероризира Украина“.
Според голем број експерти, Мариупол е стратешки многу важен град за Русија, бидејќи со негово освојување би ја поврзала претходно освоената територија.