Одржливи решенија за пазарот на труд се нашите сограѓани кои живеат овде и сакаат да продолжат со преквалификација и доквалификација и креирање нови вештини што ќе одговорат на барањата на компаниите, вели вицепремиерот
Примерот со компаниите што отвораат нови работни места и се спремни да влезат во процесот на дуално образование, но и во преквалификација и доквалификација на работната сила е клучот за успехот со кој во овој момент се справуваме, а тоа е недостиг на работна сила на пазарот на труд. Сите други дискусии што мораме да ги отвориме, како што е евентуално увозот на работна сила, се решенија што не се одржливи, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при неговата денешна посета на компанија за производство на душеци во Гостивар.
„Одржливи решенија за пазарот на труд се нашите сограѓани што живеат овде и сакаат да продолжат со преквалификација и доквалификација и креирање нови вештини што ќе одговорат на барањата на компаниите“,
рече Битиќи и додаде дека во земјата има сограѓани што се невработени, а за кои примарната цел е да се направат способни за да се вработат.
Според него, Владата решението секогаш го гледа во своите граѓани.
„Секое друго решение е да може да се задоволи одредена потреба, но во краток временски рок. Долгорочното решение е доквалификација и преквалификација на нашите луѓе што живеат овде за да се стекнат со нови вештини што одговараат на потребите на компаниите“,
додаде Битиќи.