Тој не знаеше дали оставката на премиерот и претседател на партијата Зоран Заев ќе се најде на дневен ред на партиските органи, а на прашањето дали е прифатлива, Битиќи рече дека тоа е демократски чин и на тоа мора да се навикнеме, но тоа не значи дека Заев не и треба на партијата
Ќе треба да се спремиме за четврток затоа штo пред нас се големи предизвици – oпштествени и економски и сметам дека денеска ќе расправаме кое е најдобро решение, изјави вечерва потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи пред почетокот на седницата на Извршниот одбор на владејачката партија.
На прашањето дали е прифатлива оставката на претседателот на партијата, Битиќи рече дека тоа е демократски чин и на тоа мора да се навикнеме, но тоа не значи дека Заев не и треба на партијата.
„Сметам дека тој во овој момент е потребен за општеството, за владеењето на државата и за понатаму. Така што не знам дали денеска на дневен ред ќе се расправа за неговата оставка, но сметам дека има побтни теми од неговата оставка како што се енергетската и економската крза, пандемијата која очигледно ќе има нов бран, како и севкупната состојба во државата. Ако се стави на дневен ред на ЦО, тој дневен ред е отворен, би требало тоа да биде заедно со оставката на претседателот на партијата и оставките на целото раководство. Ние не бегаме од одговорност, тоа е морален и етички чин и секако демократски чин кој го прифаќаме“,
рече Битиќи пред состанокот.
На прашањето, дали имаат идеи за нов лидер, тој кусо одговори: „Не, се уште е рано“.
Оливер Спасовски, кој исто така е потпретседател на партијата, рече дека ќе се разговара за безбедносната и за актуелната политичка ситуација, а на прашањето дали ќе се разговара за оставката на премиерот и претседател на партијата, рече дека ќе се разговара за сите апсекти на актуелната политичка ситуација.
За тоа што тој мисли за оставката, Спасовски рече дека тоа ќе го каже на седниците на партиските органи.
Форумите на СДСМ ќе заседаваат вечерва, првпат по локалните избори и по најавената оставка на Зоран Заев од лидерската позиција.
Заев реши да свика седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, два дена пред седницата на Собранието на која неговата влада ќе биде ставена на тест на доверба, по иницијатива на опозицискиот блок, кој е засилен со Беса.
Иако од СДСМ соопштија дека со оставката на Заев на партиската функција во оставка е целото раководство на досега владејачката партија, тој сѐ уште не ја официјализирал оставката.
Партиски извори велат дека оставката, која беше најавена ноќта на 31 октомври – по вториот изборен круг, ќе се смета за поднесена кога Заев за тоа ќе го извести Централниот одбор, по што би почнал да тече рокот од 15 дена за распишување вонредни внатрепартиски избори за нов лидер и за одредување датум за нивно одржување.
Иако вечерва заседава ЦО на СДСМ, според партиски извори, прашање е дали Заев сега ќе ја официјализира оставката или тоа ќе го остави за некоја наредна седница, за да не ги наруши позициите пред гласањето за поставеното прашање за доверба на Владата.