Оваа влада, како и претходните влади водени од СДСМ последните пет години, мораше да се справи со последиците на неразумното и неодговорно работење на некого. Отштетата што треба државата да ја плати за случајот ОКТА не е конечна, има процес во кој двете страни можат да влезат во преговори
Владата се справува со последиците од неразумното и неодговорното работење на некого. Отштетата што треба државата да ја плати за случајот ОКТА не е конечна, има процес во кој двете страни можат да влезат во преговори, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во врска со пресудата на Арбитражниот суд во Париз.
„За жал, оваа влада, како и претходните влади водени од СДСМ последните пет години, мораше да се справи со последиците на неразумното и неодговорно работење на некого. Мислам дека изјавата дадена од експремиерот Љупчо Георгиевски наведува токму на тоа дека заради одлука на Уставниот суд, Владата тогаш раскинала договор иако можела да почека една година да истече договорот. Ова е последица на таквото однесување. Мислам дека адресата за прашањето треба да биде на тие што го раскинале договорот и не довеле во ситуација да се браниме и да гледаме секој денар на нашите граѓани да го заштедиме поради неразумното работење на некого пред 10-ина години“,
рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања.
За Владата е успех што сумата што ја барала грчката компанија е преполовена.
„Ние успеавме да докажеме дека компанијата не била во можност да ја произведе количината на мазут што тие тврделе дека можат. Со тоа, сме ја намалиле одредената количина на средства кои што тие ја побарале. Основните средства што ги бараа како отштета биле 31 милион, а Судот им пресуди 21 милион. Тие барале затезни камати во износ од пет отсто во временски период од скоро осум години. Адвокатскиот тим успеа да докаже дека тоа е барање кое што не е доволно аргументирано и Арбитражниот суд досудува дека тоа може да се пресмета со еуролибор во тој временски период, а знаеме дека во тој временски период кога се бара затезната камата во суштина биле негативни каматните стапки што значи уште еден дополнителен успех“,
вели Битиќи.
Според него, предвидувањата биле дека државата треба да плати скоро над 43 милиони евра, а вкупниот износ што му е досуден на „Хеленик петролеум“ е приближно 25 милиони, затоа што сè уште се прават конечните калкулации.
„Но, ова не е финална одлука. Има процес во којшто можат двете страни да влезат во преговори за да стане финална и има три месеци период во којшто ќе треба соодветно да се знае колку е конечниот износ“,
појасни вицепремиерот Битиќи.
Арбитражниот суд во Париз во врска со спорот за договорот за ОКТА пресуди во корист на грчката компанија со што Северна Македонија ќе треба да плати отштета од околу 25,5 милиони евра.
Со пресудата е утврдено дека „Хеленик петролеум“ нема право да бара пенали за периодот додека ОКТА не работела од 2012 до 2019 година, односно дека ова се последните пенали кои државата ги плаќа по основа на Договорот од 1999 година. Од Кабинетот на Битиќи вчера во соопштение дадоа објаснување за пресудата.
„ЕЛ.ПЕТ побаруваше главен долг од 31 590 000 американски долари по основ на непотрошен мазут на ОКТА од гарантираната годишна количина од 500 000 тони за годините 2008, 2009, 2010 и 2011 година. Исто така, побаруваше 5 отсто годишна затезна камата сметано од 22.12.2015 година, што во апсолутен износ изнесува околу 11 056 000 долари до 22.12.2022 година, како и адвокатски трошоци и трошоци на арбитражната постапка во износ од 1 439 920 евра. Вкупното побарување на ЕЛ.ПЕТ Балканики по основ на главен долг и камата изнесува 42 646 000 долари“,
се вели во соопштението од кабинетот на Битиќи.
Оттаму прецизираат дека Арбитражниот суд досуди 21 478 797 долари за главниот долг од побаруваните 31 590 000 долари, како и затезна камата по ЕУРИБОР стапката која е негативна во претходниот период, наместо побаруваните 11 056 000 долари.