Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Како што презедовме мерки за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млечни производи – тоа го навестивме и за една низа други продукти. Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена – дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука што е во нивни интерес, вели вицепремиерот за економски прашања
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека Владата ги следи сите движења на пазарот и ако цените на основните суровини паѓаат, а цените на производите останат исти, тогаш ќе мора да се донесат и други одлуки за замрзнување на цените и на други производи, како за овошјето и за зеленчукот.
„Ги следиме сите движења на пазарот. Со завршувањето на грејната сезона во Европа и цените на берзите за скоро сите прехранбени производи почнаа да паѓаат. Очигледно дека справувањето со економската криза и кризата со храна во цела Европа беше успешна операција и веќе резултатите се гледаат. Тоа ќе значи дека и кај нас и трговците, но и сите други ќе треба да ги следат сите текови. Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи – тоа го навестивме и за една низа други продукти. Ќе ги следиме и цените на овошјето и зеленчукот и ако трговците, но и производителите сами не реагираат, пораката од Владата е јасно дадена дека граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните“,
рече денеска Битиќи одговарајќи на новинарско прашање пред трибината со млади „Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Според него, нема да има санкции, затоа што, како што вели, замрзнувањето на цената е доволна непазарна мерка.
„Ако производителите и трговците не ја спроведуваат одлуката онака како што треба, тогаш Владата ќе ги преземе мерките кои се потребни, а тоа е замрзнување на цените. Тоа е најтешката одлука за еден произведувач или трговец, но јасно кажувам дека во сите пресметки не сме нанеле штета со замрзнување на цените. Затоа секогаш велам дека во пазарна економија мора да има морал и етика“,
додаде Битиќи.
На прашањето дали на полиците во маркетите веќе се гледа намалување на цените на тестенините, млекото и млечните производи, Битиќи рече дека производителите очигледно го чекаат последниот ден за да ги намалат цените.
„Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и ако е за добра работа чекаме последен ден. Ќе ги видиме утре наутро цените коишто ги кажавме“,
рече Битиќи.
Владата донесе одлука и им даде рок од речиси една недела, односно до 16 март, на трговците и производителите да ги намалат цените на тестенините и на млечните производи за 15, односно 10 отсто.
Со одлуката, од тестенините опфатени се макароните и шпагетите. Во сила е и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.
Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари. Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето односно повластената тарифа на струјата за производителите на основни прехранбени продукти.
Од основните прехранбени производи незамрзнати останаа уште цените на шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз, за што министерот за економија Крешник Бектеши рече дека се прават анализите и доколку производителите и трговците сами не ги намалат цените тогаш ќе треба Владата да донесе одлука за замрзнување и на овие цени.