Битиќи во интервјуто се осврнува и на новите измени во Кривичниот законик кои кренаа голема прашина во јавноста, истакнувајќи дека тие не значат оти нема да има казнивост и дека таа сега е поголема од претходно
Северна Македонија нема план Б. Единствениот пат е интеграција во Европската Унија. Сметам дека е подобро порано, отколку покасно, сите чинители овде, сите политички партии, да се освестат и да разберат дека евентуално техничка измена во Уставот не мора да значи дека ја губиме битката кон одредени наши соседи, вели во интервју за Гласот на Америка, вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Во однос на можноста за предвремени избори, Битиќи е дециден дека за да се оди на предвремни избори тие што учествуваат во евентуалните предвремени избори мора да имаат јасен план.
„За нас како владејачка партија и како една од најголемите партии во државата, планот е јасен, а тоа е дека европските интеграции немаат замена. Сите други кои сакаат предвремени избори треба да кажат дали ЕУ е императив за нив и дали евентуално имаат план Б. Но тој план мора да биде јасен и обзнанен пред да се оди на избори. Инаку изборите нема да имаат никаква логика,
вели Битиќи за Гласот на Америка.
Тој нагласува декка нашите стратешки партнери во САД не поддржуваат на патот кон ЕУ.
„ММФ, Светска банка и Стеј Департменот не поддржуваат во нашите напори на патот кон европските интеграци. Сите тие се со иста констатација, а тоа е дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија, не денес, туку од многу порано и дека патот и напорите кои нашата држава ги има превземено овде, се гледаат како голем исчекор наспроти другите држави на Западен Балкан“,
додава Битиќи.
Опфатот на казнивоста е поголем со новите измени во Кривичниот законик
Битиќи во интервјуто се осврнува и на новите измени во Кривичниот законик кои кренаа голема прашина во јавноста, истакнувајќи дека тие не значат оти нема да има казнивост и дека таа сега е поголема од претходно.
„Казнивоста е таму. Сметам дека опфатот на казнивоста е многу поголем отколку што бил претходно, но вообичаено кај нас никој не сака да ја чита целата содржина на измените и на целокупната суштина на измените“,
вели вицепремиерот за економски прашања.
Како пример тој го посочи делот што воопшто го немало претходно во законот, а тоа е сегментот на опфатот на конфискација на имот.
„Сметам дека тоа е нужен процес во којшто мораме да покажеме дека казнивоста не може да се однесува само на еден, пет или десет луѓе од највисоките функции, туку казнивоста мора да се распространи кај сите кои имаат лична одговорност за тоа што го имаат направено. Во нашата земја еднаш засекогаш колективната одговорност мораме да ја замениме со лична одговорност затоа што сметам дека доволно беше 33 години сите да се кријат позади колективната одговорност и никој да не одговара лично за тоа што го има направено. Компромис со луѓе кои се одговорни за сотојбите во нашата земја не треба да се прави без оглед која е цената“,
појаснува Битиќи.