Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека станува збор за висококалоричен јаглен и дека треба да се тестира и анализира какви би биле ефектите на производството на струја во РЕК Битола, а какви трошоците
Јаглен за РЕК Битола да се увезува од азиските земји, наместо од Грција, Абанија и Косово како досега, предлага првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. Тој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 вели дека станува збор за висококалоричен јаглен и дека треба да се тестира и анализира какви би биле ефектите на производството на струја, а какви трошоците.

„Прво, јагленот којшто се копа кај нас е со послаб квалитет, потоа начинот како е копано, дали е доаѓано соодветно до резервите, и тоа има влијание. За да се подобри квалитетот на јаглен, се увезува. Јас како електроинженер којшто полагал предмети и за производство на електрична енергија, би купувал јаглен што ќе биде висококалоричен којшто го има во азиските земји. Од соседите можеби е поедноставно за транспорт, зашто ние немаме пристаниште, но овој јаглен кој што е 8-9 илјади килокалории, доколку има техничка можност, во Битола може да се измеша со нашиот. Пред се ќе заштедиме на транспортни трошоци, едно пристаниште имаме ние од каде што може да дојде брзо, тоа е од Солун и понатаму да се дојде до Битола. Но, сигурен сум дека раководството на ЕСМ правело анализи, што и како им се исплати повеќе“,
вели Бислимоски.
На новинарска констатација дека паралелно со увозот на јаглен одат големи пари и за набавка на надворешна механизација за копање јаглен и транспорт во рамки на РЕК Битола, Бислимовски вели дека ние не сме енергетски богата држава, па да имаме таков луксуз да кажеме – нема веќе јаглен, ќе бидеме само на нови обновливи извори на енергија. Нашиот систем ќе колабира ако немаме термопроизводство, вели тој.
На прашање за обврските преземени со зелената транзиција и реформската агенда за Планот за раст на ЕУ, каде наводно се наведени и рокови за затворање на РЕК Битола, Бислимоски вели дека треба да се бара пролонгирање на транзициските рокови.
„Вкупниот инсталиран капацитет на РЕК Битола е околу 700 мегавати, со сите три блока. Сега секој блок ни дава 150-160 мегавати максимално, поради квалитетот на јагленот и сето тоа. Значи, ние реално на мрежа испорчауваме енергија како да имаме два блока, иако трите работат. Е сега кога ќе разговараме со Европската комисија треба да им објасниме дека ние еден блок како да немаме. Втора работа со која ќе се соочиме е трошокот за CO2-емисии. Значи, за CO2-емисии за термоелектраните треба да се плаќаат по 70-80 евра за мегават-час. Ако производната цена на ЕСМ сега е 90 евра за мегават-час, на тоа треба да се додадат уште 70 или 80 евра. Тоа е енормно зголемување и ние треба да се фокусираме тој трошок колку што може повеќе да ни го одложат“,
вели првиот човек на РКЕ.
Екстра-давачката треба да почне да се плаќа од 1 јануари 2026 г. или ќе се воведе посебна такса за извоз од Северна Македонија, поради тоа што производите користат електрична енергија во која не е вкалкулиран трошокот за CO2-емисии, вели Бислимоски.