Бислимоски додава дека и покрај тоа што компаниите побарале 27 отсто зголемување на цената, тие нема да го добијат тоа

Нема да дозволиме и нема да има никаков ценовен шок со цената на електричната енергија, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
„Цените на струјата секогаш се актуелни. Во изминатиот период повторно бевме соочени со разни црни сценарија, колку ќе значи поскапувањето, што ќе значи. Ние ги привршуваме цените во однос на делот за мрежарините, за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Понатаму откако ќе ги усвоиме, универзалниот снабдувач треба да ги достави. Очекуваме во текот на следната недела да ја информираме јавноста околу цената на струјата од 1 јануари 2024 година. Секогаш имаме креативни решенија, нема да има никаков ценовен шок, сè ќе биде во рамките на тоа што може да се очекува“,
вели Бислимоски во разговор за МИА.
Бислимоски објаснува дека треба да се земат предвид зголемувањето на набавната цена на „ЕВН хоум“, трошоците за загуби на електрична енергија кои се зголемија кај „Електродистрибуција“, зголемените трошоци за материјали, зголемените плати во компаниите итн.
„Нема да дозволиме никаков ценовен шок. Повторно, разните експерти, ќе ги разочараме, така што во текот на следната недела ќе ја соопштиме конечната одлука“,
вели претседателот на РКЕ.
Бислимовски додава дека и покрај тоа што компаниите побарале 27 отсто зголемување на цената, тие нема да го добијат тоа.
„Ги привршуваме анализите, имаме начин како да го спречиме тоа, ќе воведуваме и надоместок за пристап кон мрежа, којшто најодговорно тврдам дека ќе им помогне на сите потрошувачи во државата, имајќи предвид дека поради поставување на фотоволтаици на кровови и на индустриски капацитети и на домаќинства, потрошувачката ни падна за десетина проценти што прави дополнителен притисок врз цената. Значи, тоа има влијание и не може тие што не поставиле фотоволтаици да плаќаат за тие што поставиле фотоволтаици“,
вели Бислимоски.
Тој вели дека има 130 илјади домаќинства кои минимално трошат електрична енергија, но трошоците за одржување на мрежите се фиксни секој месец и „не може да плаќаат само тие што трошат, туку има и фиксен трошок“.
Во однос на воведените блок-тарифи, Бислимоски вели дека се покажало дека функционираат и така ќе се продолжи.
„Имавме сосема разбирлив притисок од Меѓународниот монетарен фонд, но на крајот се разбравме дека колку и да ги намалиме ние тарифите, толку повеќе ќе се зголемува приходот и со тоа ќе има други непотребни работи коишто треба да се случуваат. Блок-тарифите ќе продолжат да функционираат и сега за сега даваат одлични резултати. Најбитно ни беше со блок тарифите да се намали потрошувачката на електрична енергија. Веќе испраќаме и сигнал, тие што се во четврти блок, многу влегуваат во четвртиот блок, можат да си одат на слободен пазар да си набават електрична енергија“,
вели Бислимоски за МИА.