Документите до кои дојде БИРН и сведочењата на луѓето што биле инволвирани во процесот покажуваат дека институциите носеле одлуки во многу кратки рокови, некритички и неселективно ги прифаќале обвинувањата изнесени од партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ и ги користеле како единствен аргумент за иницирање максимални претреси на документацијата
Кога поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се качи на малата бина пред просториите на Државната изборна комисија на 17 декември 2016 и најави десоросоизација, тој процес веќе бил во напредна фаза. Три недели претходно институциите почнале да го подготвуваат теренот за детални и интензивни финансиски контроли на 22 невладини организации.
Истражувањето на БИРН за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги спрегна институциите за пресметка со „Сорос“ открива дека операцијата што се случуваше пред и по парламентарните избори во 2016 година била координирана, политички мотивирана и вклучувала повеќе институции.
„Партијата на Груевски не била само идеолог туку и директен поттикнувач на процесот и заедно со тогашната Државна комисија за спречување на корупцијата биле двете клучни алки во мрежата што се плетела околу критичкото граѓанско општество. Подлогата претходно ја подготвиле медиумите и ад хок телото на АВМУ, а работата потоа во свои раце ја презеле Управата за јавни приходи, Јавното обвинителство, МВР, Финансиската полиција и подоцна Управата за финансиско разузнавање“,
се констатира во истражувањето на БИРН.
Прифаќање на сомнежите по кратка постапка
Документите до кои дојде БИРН од Државната комисија за спречување корупцијата и судир на интереси (ДКСК), а ја содржат комуникацијата меѓу партијата, комисијата и истражните органи, ги потврдуваат сомневањата за силното партиско влијание врз целиот процес.
Тоа најмногу се гледа во роковите по кои било постапувано. Само еден работен ден ѝ бил потребен на тогашната комисија предводена од Игор Тантуровски да заклучи дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, кои се потпираат на медиумски извештаи, се доволна основа за да побара детални финансиски контроли за 12 месеци, од јануари до декември 2016.
На 28 ноември 2016 година, партијата, преку нејзиниот адвокат и долгогодишен член Илија Илијоски, поднесува претставка до ДКСК, во која се повикува на наводи изнесени од телевизии и од портали што се однесуваат на сомневања за финансирање здруженија на граѓани од „Сорос“ (како што стои во документот) и за тоа дека граѓански активисти се претставувале како независни граѓани, но одработувале и ги застапувале ставовите на СДСМ.
Како „сторители на незаконското постапување“ се посочени членовите на граѓанската акција „Ние одлучуваме“ и се наведени имињата на сите 22 организации вклучени во неа. Цитирани се објави од Сител, Нова ТВ, Нетпрес и Телеграф, со наоди што со многу сличен наратив се повторуваат во поголем број медиуми, како Денешен, Република, Курир, Прес 24, Вистина и други.
Веќе на 29 ноември, тие испратиле такви иницијативи до Управата за јавни приходи и до Јавното обвинителство.
Ниту на институциите не им требало долго за да одговорат на задачата. Од невладините организации сведочат дека веќе следната недела од иницијативата, на 5 декември 2016 година, почнале да добиваат повици од УЈП дека ќе ги посетат инспектори за да им извршат контрола.
Во меѓувреме во обвинителството, според одговорот што оттаму го испратија до БИРН, биле ангажирани двајца обвинители од одделот за гонење организиран криминал и корупција, кои, поради обемноста на побараните материјали, формирале меѓуинституционални тимови за да вршат истрага.
На 28 декември 2016 година на идентичен начин е покрената иницијатива до Управата за финансиско разузнавање да изврши контрола за пет години.
Спрега на партијата и државните органи
На 6 декември 2016, ДКСК испратила допис до ВМРО-ДПМНЕ дека сомневањата им се основани и дека почнале постапка. Според извори на БИРН од тогашниот состав на Антикорупциска, кои инсистираат на анонимност, прво имало обид од членот Горан Миленков (познат по изјавата „за век и векови треба да се затвори прашањето за анкетниот лист на Груевски“) Комисијата самостојно да отвори предмет по допрен глас, но тоа не било прифатено од други членови.
Потоа пристигнала претставка за истата материја од ВМРО-ДПМНЕ, и Тантуровски му го доделил предметот на Миленков. Изворите од ДКСК велат дека предметот се работел со голема брзина, во напната атмосфера и во голема тајност, бил класифициран и не можел секој да има пристап до него. Никакви информации за него нема во годишните извештаи на комисијата, што е невообичаено.
Тантуровски и Миленков, како главниот мост преку кој се спровела партиската волја за прогон на невладините организации (инаку поранешни донатори на ВМРО-ДПМНЕ, пред да станат антикорупционери), одбија да ги коментираат за БИРН случувањата од тоа време.
Сето ова, според истражувањето на БИРН, се одвива паралелно со изборната кампања, гласањето и пребројувањето на гласовите и со протестите на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија против поништувањето на резултатите од изборите во дел од гласачките места, со што се загрозуваше нивната предност од две пратенички места (51 наспроти 49 за СДСМ).
Членови на партијата тогаш се собираа пред поранешната зграда на „Нова Македонија“, каде што е сместена ДИК, и секое попладне слушаа говори од истакнати партиски функционери, како Филип Петровски, кој им говореше за „расчистување со Соросовите медиуми“ или Валентина Божиновска, која повикуваше на „ноќ на долгите ножеви“.
На 17 декември 2016 на ниската бина се качи лично Груевски и го прочита прогласот на ВМРО-ДПМНЕ во пет точки, од кои последната се однесуваше на пресметката со критичкиот невладин сектор.
„Ќе се бориме за десороизација на Република Македонија и за јакнење на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и НВО, по теркот на најнапредните демократии во светот“, рече тогашниот партиски лидер.
Борбата што тој тогаш ја најави, според документите на БИРН, всушност била веќе започната, со впрегнување на државните органи.
Долги и стресни истраги
Дел од невладините организации што беа опфатени со хајката денес сведочат дека она што им се случуваше беше нејасна и небулозна постапка со која се блокираше нивната работа, се вршеше притисок и се ширеше страв. Стотици луѓе, вработени или активни во овие здруженија, велат дека половина година живееле во страв од апсење и од наместен процес.
Иако никој не се плашел дека ќе му најдат нешто, стравувале од подметнувања и од флексибилни толкувања на законите со кои би биле обвинети за злоупотреби.
„Се обидуваа да најдат докази дека преку невладините организации се плаќаат луѓе што не работат за нив, односно не работат на исполнување на задачите од проектите, туку наместо тоа вршат некаква работа за СДСМ. Тоа, нормално, не го најдоа“, вели Филип Стојановски од „Метаморфозис“.
Каранфилова-Пановска од ФООМ вели дека инспекторката на УЈП, која кај нив поминувала по цели денови, имала барања што не биле во рамките на дејноста на нејзината институција.
„УЈП како да се обидуваше да утврди дека сме работеле на индоктринација. Нè испрашуваа што сме правеле, ни бараа материјали, повеќе ги интересираше програмскиот и содржинскиот дел од нашата работа отколку финансискиот“, вели за БИРН Каранфилова-Пановска.
По крвавиот упад во Собранието на 27 април, интензитетот на контролите почнува да се намалува, а по промената на власта на 1 јуни 2017 година имало само ретки контакти со истражните органи.
Случајот е затворен без истрага за злоупотреба на службената положба
Една година подоцна, во 2018, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги викнал организациите на состанок, на кој биле и директорите на другите истражни институции. Им соопштиле дека истрагите против нив се прекинати и дека не нашле ништо противзаконско.
Дел од соговорниците од организациите велат дека на средбата што ја имале со министерот Оливер Спасовски тие побарале, а министерот прифатил да се направат внатрешни истраги за можна злоупотреба на службената положба за тие што го нарачале и го спровеле процесот, но МВР не одговори на прашањето на БИРН дали министерот сторил нешто за исполнување на тоа ветување.
Собранието, во мај 2019 година изгласа автентично толкување, според кое, за патни трошоци, кетеринг, хуманитарна помош и слично не се плаќа персонален данок. Тоа е сè што направи државата по промената на власта како одговор на десоросоизацијата. Изостана очекуваната истрага за злоупотреба на службената положба.
Некои организации добиле писмени известувања од УЈП и од други организации дека завршила истрагата против нив. Никој не добил такво известување од Обвинителството бидејќи станувало збор за предистрага. За БИРН од Обвинителството изјавија дека кога завршиле сè, решиле да ја затворат постапката. Но, оттаму не објаснија како дошло до тоа предмет за изборни злоупотреби да се претвори во истрага за перење пари и даночно затајување.