Повозрасен жител на селото Врбен во Општина Маврово Ростуше починал од повреди што му ги нанел бик при истовар од камион на сточниот пазар во Гостивар
СВР Тетово соопшти дека денеска во 9 часот е пријавено дека на сточниот пазар во Гостивар, при истоварање од камион, бик го удрил неговиот 82-годишен сопственик Љ.С. од селото Врбен.
Според првичните информации, старецот се обидел да го наведе животното да се симне од камионската приколка, но во еден момент тоа со главата удрило во телото на Љ.С. и му нанело тешки телесни повреди констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде што повредениот веднаш бил пренесен за укажување лекарска помош, меѓутоа тој набргу им подлегнал на повредите.
Јавен обвинител и екипа на Одделението за внатрешни работи Гостивар извршиле увид на местото на настанот и по извршениот медицински преглед телото на починатиот било предадено на семејството.