Чист и мирен изборен процес и носење на законот за СЈО се двете преостанати одредници според кои ќе се раководат земјите-членки на ЕУ кога во јуни ќе решаваат дали Северна Македонија да ги почне преговорите за членство. Од надворешните фактори што ќе влијаат на одлуката, најзначајни се изборите за Европскиот парламент во мај и, пред се, нивниот исход во Франција. Комплицираната ситуација во кратко интервју за „360 Степени“ ја анализира професорот на Универзитетот во Грац, Австрија, Флоријан Бибер.
Г-дине Бибер, какви се шансите во јуни Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ?
Можно е, но ќе биде сериозен предизвик најмногу поради тоа што некои членки на ЕУ, како Франција, но и други – Холандија, Данска, се скептични за давање „зелено светло“ за преговори. Многу од тоа е поврзано со внатрешната политика во овие земји – стравот од евроскептицизам и растот на популистичките движење ќе ги предизвика владите. Оттука, тие не се волни да прават нешто што би ги засегнало евроскептиците во гласачкото тело. Значи, ситуацијата има помалку врска со Северна Македонија, а повеќе со внатрешната ситуација во Франција и Холандија.
Споменавте предизвик… Според вас, што е поголем предизвик – двоумењето кај некои земји-членки, ги наведовте Франција, Холандија и Данска, или многу кусиот период во кој германскиот Бундестаг треба да го анализира извештајот на ЕК за Македонија и можноста да се согласи со отворање преговори?
Има неколку пречки, како што и самите кажавте – кусиот рок за германскиот Бундестаг може да биде прашање, но би очекувал, под услов Северна Македонија да направи се како што треба во реформите, многу чиста порака од ЕК што би му помогнало на Бундестагот да донесе одлука. Не очекувам дека Бундестагот, особено за Северна Македонија, ќе има голема воздржаност и иако станува збор за многу кус временски период, би бил изненаден ова прашање да стане главната пречка.
А што со двоумењето на Франција и Холандија?
Мислам дека тоа е покрупно прашање, особено што не е рационално туку се темели на ирационален страв на домашната политика рефлектиран во, на пример, протестите на „жолтите елеци“. Во Франција забележав сериозна воздржаност на секое симболично ниво за промовирање на проширувањето. Тоа има малку врска со конкретните земји-кандидатки и, на крај, многу ќе зависи од исходот на европските избори, особено дали претседателот Макрон ќе биде охрабрен или ќе треба да стане уште повоздржан за проширувањето поради силната опозиција. Исто е и во други земји, како Холандија, каде на последните локални избори видовме појава на нови популистички субјекти. Значи, ќе зависи од изборите во мај дали некои земји и нивните лидери ќе најдат храброст да го пратат вистинскиот сигнал за Северна Македонија.
Тоа ме води до наредното прашање – кој е главниот одредувачки фактор во одлуката на Франција: само исходот од изборите или и домашната реформска задача што Македонија треба да ја заврши?
Сметам дека главна причина е внатрешната политика во Франција, епилогот од изборите за Европскиот парламент, но секако дека има значење она што се случува овде. Ако владата си ја заврши домашната, ако тоа резултира со јасна препорака на ЕК и се покаже дека е направен вистински напредок и дека има решеност да се напредува на внатрешен план, а не само во надминување билатерални прашања со соседите, тогаш ќе биде потешко за Франција да блокира. Значи, Франција треба да ја оправда својата блокада, ако реши тоа да го стори, и ако владата овде направи грешки тогаш ќе и олесни на Франција во барањето оправдувања. Оттука, главниот двигател е домашната сцена во Франција, но тоа не значи дека влдата во С. Македонија треба да се опушти и да каже дека не зависи од неа. Напротив, тоа може да го обликува исходот и – или да прати позитивен сигнал, што ќе ги поттикне другите земји-членки да ја „притеснат“ Франција да биде поподготвена на компромис за ова прашање или само да и се даде оправдување на Франција.
Ако бевте во позицијата на премиер на Северна Македонија, која би била вашата агенда, почнувајќи од сега па до јунскиот Совет на ЕУ?
Главниот предивик би бил да се поттурне владата посериозно да се ангажира во реформата и да се осигура дека се справува со владеењето на правото, случаи на корупција, реформи… Има јасен консензус меѓу населелнието дека сака членство во ЕУ. Значи, кампања против Унијата и кампања против завршениот договор за името, не помагаат за унапредување на дебатата. Има широк консензус дека евроатлантската интеграција е цел на оваа земја и затоа треба добро да се размисли кои се клучните точки за напредок на оваа агенда, а тие се справување со корупцијата и клиентелизмот, што не е реформа од еден ден, зајакнување на владеењето на правото… Ова се приоритети што владата, а се надевам и опозицијата, сериозно ќе ги разберат.
Напишете коментар