За Северна Македонија, очекувано денеска немаше деблокада на пристапниот процес кон ЕУ, а Советот за општи работи во заклучоците нагласува дека со нетрпение очекува да се одржат првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро откако ќе бидат одобрени преговарачките рамки
На меѓувладина конференција, Србија денеска го отвори Кластерот 4 во преговорите со ЕУ, а српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека не се радуваат затоа што неговата земја е единствената која добила нешто од Брисел и оти би сакале тоа да го направи и Северна Македонија.

„Ние сме единствената земја од Западен Балкан на која нешто и е отворено на меѓувладината конференција во Брисел. На тоа ние не се радуваме, затоа што би го сакале тоа и за другите, особено за нашите пријатели од Северна Македонија, но од билатерални причини тоа не го направија“,
рече Вучиќ на отворена седница на српската Влада.
Отворањето на Кластерот 4, оцени српскиот претседател, е важен сигнал дека ЕУ го поддржува натамошниот напредок на Србија на нејзиниот европски пат.
Овој кластер, според старата на преговори, како што пренесува РТС значи отворање на четири поглавја и тоа: 14 (транспортна политика), 15 (енергетика), 21 (трансевропски мрежи) и 27 (животна средина).
Во досегашните преговори со ЕУ, Србија отвори 22 поглавја од кои два се привремено затворени.
Во однос на Северна Македонија, очекувано денеска од Брисел немаше деблокада на пристапниот процес кон ЕУ, а Советот за општи работи во заклучоците нагласува дека со нетрпение очекува да се одржат првите меѓувладини конференции со Република Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро откако ќе бидат одобрени преговарачките рамки.