Вакцина против коронавирусот, која ја развива Универзитетот на Оксфорд, е безбедна и поттикнува реакција на имунолошкиот систем на човекот, јави Би-би-си.
Тестовите што биле спроведени на 1 077 луѓе покажуваат дека вакцината кај нив предизвикала телото да почне да произведува антитела и т-клетки, кои се борат против коронавирусот.
Резултатите се исклучително надежни, но сѐ уште е рано да се знае дали вакцината ќе биде доволна за да гарантира заштита. Во тек се тестови на поголеми групи. Обединетото кралство веќе нарачало 100 милиони дози од вакцината.
Како „работи“ вакцината
Вакцината која е наречена „ChAdOx1 nCoV-193“ се развива со досега невидена брзина. Направена е од генетски модификуван вирус кој предизвикува обична настинка кај шимпанзата. Модификацијата е значителна за вирусот да не може да се предизвикува инфекција кај луѓето, но и за да „изгледа“ како коронавирус.
Научниците успеале во подвигот со тоа што пренеле генетски инструкции на вакцината од протеинот кој ги прави „шилците“ на коронавирусот што, пак, е неговата клучна „алатка“ за да ги нападне клетките на човекот.
Тоа значи дека вакцината наликува на коронавирусот и имунолошкиот систем може да научи како да го нападне.
Што се тоа антитела и Т-клетки
Фокусот во битката против ковид-19 досега беа антителата, но тие не се единствениот одбрамбен имунолошки механизам на човекот.
Антителата се мали протеини кои ги произведува имуниот систем а кои потоа се „закачуваат“ на површината на вирусите. Неутрализирачките антитела можат да го онеспособат коронавирусот.
Т-клетките, кои се вид на бели крвни зрнца, помагаат во координацијата на имунот систем и можат да идентификуваат кои клетки во телото се инфицирани и да ги уништат.
Речиси сите вакцини поттикнуваат одговор и кај антителата и кај Т-клетките.
Нивото на Т-клетки, кај лицата кои ја примиле тест-вакцината, го достигнале својот врв 14 дена по вакцинацијата а бројот на антитела за 28 дена. Студијата сепак не трае толку долго за да научниците да можат со сигурност да знаат колку долго ќе трае одговорот на организмот.
„Ние сме навистина задоволни со резултатите кои ги објавивме денеска, бидејќи гледаме раст и на неутрализирачки антитела и Т-клетки. Резултатите се навистина ветувачки и веруваме дека силната реакцијата ќе значи и заштита. Но, токму тоа е клучното прашање кое сите сакаме да го знаеме“,
изјавил за Би Би Си проф Ендру Полард, од оксфордската група истражувачи.
Студијата покажала и дека 90% до луѓето развиваат неутрализирачки антитела после една доза. Само десет луѓе примиле две дози и сите кај сите постигнат посакуваниот ефект.
„Не знаеме кое е потребното ниво за заштита, но можеме да го зголемиме одговорот на имуниот систем со втора доза“
додал проф. Полард.
Дали е безбедна?
Истражувачите од Оксфорд велат да, но има несакани ефекти иако не опасни. Околу 70% од луѓето добиле главоболка или настинка, но научниците велат дека состојбата лесно се менаџира со парацетамол.
„Се уште има многу работа да се заврши пред да можеме да потврдиме дека нашата вакцина ќе помогне да се менаџира ковид-19 пандемијата. Првичните резултатите сепак, се многу надежни“,
изјавила за Би Би Си проф Сара Гилберт од Универзитетот на Оксфорд.
Кои се следните чекори во тестирањето?
Иако резултатите се ветувачки, целта на понатамошните тестирање е научниците да бидат сигурни дека вакцината е безбедна за луѓето. Студијата, исто така, не може да покаже дали вакцината ќе го спречи ширењето на коронавирусот кај луѓето.
Во следната фаза, вакцината ќе ја примат 10 000 луѓе во Обединетото кралство. Сепак, тестирања ќе има и во други држави бидејќи епидемијата на островот во моментов не е во својот врв, што може да не даде релеватни податоци за ефективноста на вакцината.
Затоа, во САД ќе се тестира на 30 000 луѓе, во Јужна Африка на 2 000 луѓе и на 5 000 луѓе во Бразил.
Кога јас би добил вакцина?
Можно е вакцината за коронавирусот да биде докажано ефикасна до крајот на годината, но нема да биде општо достапна. Прво би ја добиле здравствените работници а потоа и оние кои се во ризичните групи поради возраста или општата здравствена состојба.
Најрано, широко распространета вакцинација може да се очекува на почетокот на 2021 година и тоа ако се оди по планот.