Американскиот центар за контрола и превенција на болести соопшти дека ова е потребно „за да се помогне да се забави ширењето на вирусот додека работиме на идентификување на потенцијални нови варијанти што може да се појават“
Италија, Јапонија, Тајван и Индија исто така најавија задолжителни тестови за туристите кои доаѓаат од Кина, додека властите во Австралија и Велика Британија велат дека засега нема да воведуваат нови правила за патниците од оваа земја
Соединетите Американски Држави се најновата земја што најави ковид-тестови за посетителите од Кина, откако Пекинг објави дека од следната недела повторно ќе ги отвори своите граници за патувања по строгите анти-ковид мерки што земјата ги спроведуваше од почетокот на пандемијата, пишува Би-би-си.
Италија, Јапонија, Тајван и Индија исто така најавија задолжителни тестови за туристите кои доаѓаат од Кина, додека властите во Австралија и Велика Британија велат дека засега нема да воведуваат нови правила за патниците од оваа земја.
По три години изолација поради пандемијата со коронавирусот и строгите мерки за справување со него, Кина соопшти дека ќе им дозволи на луѓето послободно да патуваат од 8 јануари.
Но, тековниот наплив на Ковид во земјата предизвикува претпазливост кај дел од земјите во светот.
Кина пријавува околу 5 000 случаи на ден, но аналитичарите велат дека таквите бројки се неверодостојни и дека биланс на нови случаи на заразени може да биде поблиску до еден милион. Болниците се преполни, а жителите се борат да најдат основни лекови, пишува – Би-би-си.
Вчера САД соопштија дека недостатокот на „соодветни и транспарентни“ податоци за ковид во Кина придонесе за одлуката од 5 јануари да се бараат ковид-тестови за патниците кои влегуваат во земјата од Кина, Хонг Конг и Макао.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести соопшти дека ова е потребно „за да се помогне да се забави ширењето на вирусот додека работиме на идентификување на потенцијални нови варијанти што може да се појават“.
Ванг Венбин, портпаролот на кинескиот министер за надворешни работи, во неколку наврати ги обвини западните земји и медиуми за „подгревање на ситуацијата“ и „искривување на прилагодувањата на кинеската политика за ковид“.
Ванг повика на „заеднички напори за да се обезбеди безбедно прекугранично патување, да се одржи стабилноста на глобалните индустриски синџири на снабдување и да се промовира економското закрепнување и раст“.
Италија која беше глобален епицентар на вирусот откако тој се прошири од Кина кон крајот на 2019 и 2020 година соопшти дека воведува задолжително тестирање за ковид за сите патници кои доаѓаат од Кина.
Министерот за здравство Орацио Скилачи рече дека ова е „од суштинско значење за да се обезбеди надзор и идентификација“ на која било нова варијанта на вирусот и да се „заштити италијанското население“.
Пред неговата најава, надлежни служби на аеродромот во Милано веќе ги тестираа патниците што пристигнуваа од Кина.
На еден лет, кој пристигнал на градскиот аеродром „Малпенса“ на 26 декември, било откриено дека 52 отсто од патниците биле позитивни на ковид, пренесува италијанскиот весник „Ла Република“.
Други земји веќе воведоа одредени ограничувања за патниците кои доаѓаат од Кина.
Во Јапонија, од петок сите патници од Кина и оние кои ја посетиле оваа земј во рок од седум дена ќе бидат тестирани за ковид по пристигнувањето, изјави премиерот Фумио Кишида. Оние кои ќе бидат позитивни ќе треба да бидат во карантин седум дена ако имаат симптоми или пет дена ако се асимптоматски. Ќе биде ограничен и бројот на летови до и од Кина.
Во Индија, лицата кои патуваат од Кина и четири други азиски земји мора да направат негативен тест за ковид пред да пристигнат. Патниците ќе бидат ставени во карантин доколку имаат симптоми или чии тестови ќе покажат дека се позитивни на вирусот.
Тајван соопшти дека луѓето кои пристигнуваат со летови од Кина, како и со брод на два острови, ќе мора да направат тестови за ковид при пристигнувањето од 1 јануари до 31 јануари. Оние кои ќе бидат позитивни ќе можат да се изолираат, соопшти Централниот команден центар за епидемии на Тајван.
Малезија, исто така, воведе дополнителни мерки за следење и надзор.