Нашиот банкарски систем има солиден капацитет со кој може да ја испорача потребната поддршка за населението и корпоративниот сектор, уверува гувернерката на Народната банка
Банкарскиот систем останува здрав и стабилен и има капацитет да се справи со шоковите што ги предизвикува состојбата со коронавирусот. Последните расположливи податоци, од почетокот на оваа година, потврдуваат висока капитализираност, висока ликвидност и висок квалитет на активата со која располага системот, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
„Адекватноста на капиталот е околу 17 проценти – ниво кое е повисоко од 2008 година кога економијата се соочи со голем шок. Учеството на ликвидната во вкупната актива е 27 проценти, што исто така е повисоко во споредба со периодот пред глобалната економска криза. Квалитетот на активата на банките е многу солиден. Тоа јасно се согледува преку нивото на нефункционални кредити што во моментот е околу 4,8 отсто од вкупните кредитни изложености. Сето ова укажува дека нашиот банкарски систем има солиден капацитет со кој може да ја испорача потребната поддршка за населението и корпоративниот сектор“,
истакна Ангеловска-Бежоска во интервју за ТВ 24.
Гувернерката нагласи денарот е и ќе остане стабилен и дека нема да има промени на нивото на неговиот девизен курс.
„Монетарната стратегија на одржување фиксен курс на домашната валута во однос на еврото е оптимална за нашата економија и токму девизниот курс овозможува одржување ниска и стабилна инфлација во нашата економија, а со тоа и испорачување макроекономска и финансиска стабилност“,
посочи Бежоска.
Со години наназад, додаде, нашата централна банка одржува високо ниво на девизни резерви, што е гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута.