Министерот за здравство, во пишана изјава што ја пренесува Министерството, наведува дека најголем дел од здравствените работници својата работа ја извршуваат чесно, совесно и стручно и истовремено апелира до граѓаните да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита
По акцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во која меѓу 19 осомничени лица се и доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, со став попладнево се огласи Министерството за здравство.

Оттаму, преку писмено соопштение, што го пренесува МИА, велат дека секое постапување спротивно на законските прописи и медицински стандарди ќе биде предмет на соодветни институционални постапки, во соработка со надлежните органи.
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека останува цврсто посветено на принципите на стручност, законитост и правичност во функционирањето на здравствениот систем“,
се наведува во соопштението.
Ресорниот министер Азир Алиу во пишаната изјава пренесена од Министерството, во однос на случајот, наведува дека безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се врвен приоритет, додавајќи дека најголем дел од здравствените работници својата работа ја извршуваат чесно, совесно и стручно. Истовремено, министерот апелира до граѓаните да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита.
„Најголем дел од здравствените работници чесно, совесно и стручно ја работат својата работа. Апелираме доследно да ги почитуваат професионалните и етичките норми. Апел до граѓаните е да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита. Истовремено, потсетуваме на начелото за презумција на невиност“,
порачува Алиу во пишаната изјава.
Во акцијата, која започна вчера, а е спроведена по повеќемесечна предистражна постапка, од МВР и од ОЈО ГОКК денеска информираа дека се приведени вкупно 14 лица и се извршени претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и во Битола, во чии рамки се пронајдени и одземени поголемо количество медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хијалурон), пари, патничко возило марка „порше“, парфеми, декларации, мобилни телефони, тревкаста матарија и други предмети.
Според истражните органи, филерите и ботоксот биле нелегално внесувани во земјава и аплицирани на трети лица од страна на членови на криминална група, во која меѓу осомничените се доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица што организирале транспорт и дистрибуција на лековите и медицинските помагала.
Инаку, по поднесена кривична пријава, ОЈО ГОКК покрена истрага против вкупно 19 физчки и шест правни лиица осомничени дека ги извршиле кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
Според деталите што ги сподели Обвинителството, во текот на 2026 година, седум од осомничените формирале две криминални групи кон кои подоцна се приклучиле и останатите. Користејќи фирми од Битола и Скопје како параван за незаконските активности, групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала, вклучително и ботокс, од Србија, Кореја и од Турција, кои потоа нелегално ги внесувале во земјава со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица.

Иако биле свесни дека лековите и медицинските помагала се увезени илегално, без одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, дел од осомничените вршеле естетски интервенции, директно загрозувајќи ги здравјето и животот на граѓаните и предизвикувајќи сериозна општа опасност.
Од Обвинителството соопштија дека ќе биде доставен предлог за определување мерка притвор за 12 осомничени, а за пет од осомничените ќе бидат предложени мерки за обезбедување на нивното присуство.
Основниот кривичен суд Скопје попладнево информира дека поголем дел од групата осомничени е спроведена во Судот и дека се сослушуваат лицата за кои се предложени мерки на претпазливост.
