Портпаролот на противпожарната служба во главниот град на Западна Австралија изјави дека со пожарот се борат 240 пожарникари
Пожарникарите во Австралија се борат со големи пожари во близина на Перт, а властите апелираа до населението да ги напуштат ризичните области.
Портпаролот на противпожарната служба во главниот град на Западна Австралија изјави дека со пожарот се борат 240 пожарникари, како и дека ситуацијата е на ниво на вонредна состојба и највисок степен на предупредување за опасност.
Во пожарот, кој избувна вчера изгореа околу 417 хектари диви, ненаселени области, а метеоролошката канцеларија денеска издаде предупредување за „екстремна опасност од пожар“ за делови од Западна Австралија.
Повеќе од 25 пожари избувнаа низ најголемата австралиска држава, а локалните власти предупредија дека се загрозени жителите во руралната област Гингин кај Читеринг, на околу 60 километри од Перт.
Метеоролозите денеска прогнозираат температура до 35 Целзиусови степени во Перт.
Австралија е во сезона на шумски пожари со висок ризик поради временскиот феномен Ел Нињо поврзан со циклони, суши, топлотни бранови и шумски пожари.