„Граѓаните и стопанството и сите меѓународни институции треба јасно да знаат дека во финансии нема таков вработен што ќе го затвори трезорот. Сите ќе функционираат, ликвидноста ќе функционира, а правата ќе ги оствариме согласно законите, отворени сме да разговараме со нив“, вели министерот за финансии
Трезорот ќе работи и ќе се вршат сите буџетски плаќања, уверува министерот за финансии Фатмир Бесими по вчерашните најави за блокади кои стигнаа од протестот на вработените во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки – членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ).
„Има закон и никој не може да ги прекине работите што се од јавен интерес. Тоа е кривично дело. И да има штрајк има точни прописи во законот како се спроведува штрајкот, кога дел од вработените дежураат, а дел штрајкуваат. Тоа е по Устав и закон и тоа ги штити интересите на граѓаните. И претходно сум рекол дека кадрите на финансискиот пазар треба да имаат соодветна плата и стоиме на тоа. Одлуката е на Уставен суд којшто е независна институција од извршната власт. Има времена мерка и во период додека трае времената мерка и нема конечната одлука не може да пристапат кон потпишување колективен договор на хипотетичка ситуација“,
Според Бесими, правото на организирање синдикати и колективни договори е регулирано со закони, кои се почитуваат и затоа, како што рече, ги охрабруваме тие што сметаат дека така ќе ги реализираат правата да го направат тоа согласно закон.
„Во ниту еден случај нема да има штрајк или некој да не прима плата, или некој да не изврши плаќања од Буџет или трезор. Тоа ниту било прашање, не знам дали имало таква комуникација, но сакам да биде јасно – ниту некој од вработените во финансии, и затоа јас ги почитувам нив, нема таква најава, ниту некој помислил дека ќе го затвори Трезорот и нема да работи. Тоа нема да се случи. Граѓаните и стопанството и сите меѓународни институции треба јасно да знаат дека во финансии нема таков вработен што ќе го затвори трезорот. Сите ќе функционираат, ликвидноста ќе функционира, а правата ќе ги оствариме согласно законите, отворени сме да разговараме со нив“,
рече Бесими.
За времената мерка со која им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30 отсто, Бесими рече дека се чека конечна одлука.
Вработените, како што рече Бесими, допрва ќе се организираат затоа што во Финансии немало посебен синдикат и сега тие треба да се регистрираат, а има и уште неколку процедури.
Раководството, додава Бесими, се има сретнато со претставници на УПОЗ и имаме разбирање.
„Сепак сакам да упатам јасна порака до јавноста дека трезорот ќе работи, ќе има плати и ќе се извршат сите трансакции не само до крај на годината туку и после тоа“,
рече Бесими.
Вработени во Министерството за финансии, Управата за имотно-правни работи и Бирото за јавни набавки – членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), од вчера протестираат поради времената мерка со која им се стопира исплатата на зголемувањето на платите за 30 отсто.
По вчерашниот протест пред зградата на Министерството, тие денеска беа пред Уставниот суд од каде побараа средба со претседателката Добрила Кацарска на која ќе треба да им одговори кога ќе биде донесена конечната одлука и како сите иницијативи за нивните плати се одбиваат, а таа за платите на вработените во Министерството за финансии веднаш е усвоена.
Уставниот суд на седница на 5. месецов поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот. Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.